Прва средба Барнам – Трамп во Њујорк: Британија е подготвена да помогне за деескалација на Блискиот Исток и отворање на Ормуска Теснина


Велика Британија е подготвена да го даде својот придонес во деескалацијата на Блискиот Исток и да помогне во напорите за запирање на конфликтот и отворање на Ормуска Теснина, изјави британскиот премиер Енди Барнам во разговор со американскиот претседател Доналд Трамп за време на нивната прва средба на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

– Се согласуваме со Вас дека Иран никогаш не смее да стане нуклеарна сила – рече Барнам, потврдувајќи ја подготвеноста на Лондон за соработка во регионот.

По средбата, британскиот премиер пред новинарите изјави дека со Трамп разговарале и за билатералните трговски односи, прашањето за Фолкландските Острови, како и за миграцијата, истакнувајќи ја својата посветеност на воспоставување контролиран пристап во оваа област. Тој рече дека миграцијата била меѓу главните теми и на дополнителните избори во изборната единица Мејкерфилд, каде што тој оствари победа.

Барнам, исто така, ја поздрави претходната изјава на Трамп дека е можен напредок кон постигнување мир во Украина.

На прашањето дали Барнам е човек со кого може да се работи и покрај политичките разлики, американскиот претседател одговори потврдно:

– Да, секако. Мислам дека тој е природен бизнисмен. Имавме многу разговори, дури и пред оваа средба разговаравме повеќепати по телефон. Тој разбира што треба да направи – посочи британскиот премиер.

Трамп додаде дека во Велика Британија има „огромен патриотизам“, но дека земјата „чека добро раководство и успех“.

Британскиот премиер нагласи дека односите со САД се од клучно значење за Лондон.

– Беше одлично да бидам со Вас и со Вашиот тим денеска. Овој однос ни значи многу и ќе продолжиме да го надградуваме. Вие и јас воспоставивме добра врска уште во првите разговори, а денеска дополнително ја продлабочивме – порача Барнам.

Двајцата политичари во минатото остро се судираа околу своите ставови. Во 2017 година, Барнам, како тогашен градоначалник на Големиот Манчестер, изјави дека Трамп не е добредојден во градот, а две години подоцна рече дека би одбил средба со него. Сепак, откако во јули ја презеде премиерската функција, Барнам ја нагласува важноста од градење прагматичен работен однос и наоѓање заеднички јазик со политичките противници.

Back to top button
Close