Кремљ: Путин и Мохамед бин Салман ја истакнаа потребата од безбедно поморско сообраќање
8
Рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговараше со саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Салман ал Сауд, при што двајцата ја истакнаа потребата од безбедно минување на бродовите низ Ормуска Теснина и протокот Баб ел Мандеб како клучни поморски трговски маршрути, соопшти Кремљ.
Двајцата лидери размениле мислења за ситуацијата на Блискиот Исток и истакнале дека политичкото и дипломатското решавање на разгорениот конфликт останува единствениот одржлив пат напред. Тие, исто така, ја нагласиле потребата од итен прекин на воените дејствија во Јемен, во услови на дополнително влошување на воената и политичката состојба во таа земја.
„Беше истакната и важноста од обезбедување безбедно и непречено минување на бродовите низ меѓународните водни патишта во регионот, вклучително и Ормуска Теснина и протокот Баб ел Мандеб“, се наведува во соопштението од Кремљ.
Бидејќи два од главните извозни правци за нафта се блокирани од Иран и од неговите сојузници – јеменските бунтовници Хути, Саудиска Арабија во моментов е принудена да го пренасочува извозот на нафта преку Суецкиот Канал.
САД, кои минатата година два месеца бомбардираа позиции на Хутите, досега ги отфрлаа повеќекратните повици на Мохамед бин Салман ал Сауд повторно да се воено вклучат против оваа група поддржана од Иран.
Во меѓувреме, американскиот весник „Њујорк тајмс“ објави дека американскиот претседател Доналд Трамп во неделата во последен момент ги откажал планираните воздушни напади врз Хутите, откако војската веќе ги товарела бомбите во авионите.






