Трамп се сретна со привремената венецуелска претседателка Родригез, за првпат по апсењето на Мадуро

Родригез ја нарече средбата историски чекор кон зајакнување на билатералните односи меѓу двете земји и унапредување на агендата за соработка во стратешки области како што се енергетиката, рударството, безбедноста и други прашања од заеднички интерес

Американскиот претседател Доналд Трамп се сретна со привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, што е нивна прва средба откако американските сили во јануари годинава го заробија тогашниот претседател Николас Мадуро.

Средбата, која се случила на маргините на Генералното собрание на ОН, е при првата посета на Родригез на САД откако ја презеде функцијата.

Венецуелската делегација, во која се вклучени потпретседателот за економија, министерот за нафта и претставници на државната нафтена компанија ПДВСА (PDVSA), е фокусирана на тоа земјата да ја претстави како погодна за инвестиции, пишува Ројтерс.

Родригез ја нарече средбата историски чекор кон зајакнување на билатералните односи меѓу двете земји и унапредување на агендата за соработка во стратешки области како што се енергетиката, рударството, безбедноста и други прашања од заеднички интерес.

„Венецуела и САД делат историски однос кој, во оваа нова фаза, треба да го водиме преку дијалог“,напиша таа по разговорите на апликацијата за пораки „Телеграм“ .

Таа додава дека нејзината администрација ќе води дипломатија што служи на националниот интерес, насочена кон постигнување конкретни резултати и колективни придобивки за венецуелскиот народ.

Претставник на Белата куќа изјави дека на средбата со Родригез присуствувале претседателот Трамп, државниот секретар Марко Рубио, министерот за финансии Скот Бесент, шефицата на кабинетот на Белата куќа Сузи Вајлс и Стивен Милер, помошник на претседателот и заменик-шеф на кабинетот за политики.

Во својот говор пред Генералното собрание, Трамп го нарече Мадуро „диктатор-одметник“, истакнувајќи дека стотици политички затвореници се ослободени по неговото заробување.

„Победникот го зема пленот“ рече тој, нарекувајќи го договорот за нафта што неговата администрација го потпиша со Каракас минатиот месец „можеби најголемиот договор некогаш склучен“.

Back to top button
Close