Ал-Шара во говорот во ОН побара Израел да се повлече од Сирија

Сирискиот претседател Ахмед ал-Шара денеска го обвини Израел за кршење на суверенитетот на неговата земја и побара израелските сили да се повлечат од сириската територија до линиите утврдени со договорот за раздвојување од 1974 година.

Говорејќи пред Генералното собрание на ОН во Њујорк, ал-Шара рече дека Израел извршил речиси 500 воздушни и артилериски напади и повеќе од 1.200 упади во Сирија од превратот во декември 2024 година, со кој беше соборен поранешниот претседател Башар ал-Асад. Тој наведе дека околу 300 луѓе исто така биле притворени.

Тој изјави дека акциите на Израел „потсетуваат на ера за која мислевме дека е одамна помината“.

– Ние сме посветени на договорот од 1974 година. Повикуваме на повлекување на израелските сили до линиите од 8 декември 2024 година – рече ал-Шара.

Тензиите меѓу Сирија и Израел остануваат високи по падот на Асад во декември 2024 година.

Израел оттогаш ги прошири своите воени операции во јужна Сирија и ги помести своите сили надвор од претходните линии на раздвојување. Дамаск повеќепати бараше израелско повлекување и ја потврди својата посветеност на Договорот за раздвојување на силите од 1974 година.

Двете земји формално остануваат во војна, при што статусот на Голанската Висорамнина е главна точка на спорење. Израел го зазеде најголемиот дел од стратешкото плато на југозападната граница на Сирија со Израел во Блискоисточната војна во 1967 година, а подоцна го анектираше, чекор што не е меѓународно признат.

Ал-Шара ја повтори претензијата на Сирија врз Голанската Висорамнина.

– Ги отфрламе постојаните израелски обиди за наметнување свршен чин во Сирија – рече тој, додавајќи дека сите мерки за анексија на Голан се неважечки според резолуциите на ОН.

Back to top button
Close