Пезешкијан: Иран нема да се предаде во војната со САД, но е подготвен за дијалог без закани

Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан, денеска за време на обраќањето пред Генералното собрание на Обединетите нации порача дека неговата земја нема да се предаде во војната со САД, додавајќи дека Техеран верува во дипломатијата и е подготвен за дијалог, но без закани.
Пезешкијан, осврнувајќи се на вчерашниот говор на американскиот претседател Доналд Трамп, рече дека „тој мора да знае дека отпорот на иранскиот народ само ќе расте и покрај санкциите, зголемениот притисок и зголеменото малтретирање“.
– Американскиот претседател Доналд Трамп ги нарече Иранците терористи, но всушност ние бевме жртви на тероризмот. Господинот Трамп и оние кои се обидуваат да нè малтретираат мора да сфатат дека сме подготвени за дијалог, дипломатија и преговори – без прифаќање на јазикот на силата – нагласи иранскиот претседател.
Тој наведе дека Иран никогаш не бил агресор, никогаш не почнал војна и дека секогаш покажувал посветеност кон преговарачката маса, укажувајќи на двојните стандарди во однос на Израел.
– Нуклеарното оружје е во Израел, но инспекторите се во Иран. Израел убива, но Иран е под санкции – рече Пезешкијан.
Говорејќи за Ормуската Теснина, Пезешкијан истакна дека „постојаното распоредување на непријателски флоти и ширењето на војната нема да доведат до мир“.
– Не можеме да им дозволиме на некои да имаат слободен пристап и да остваруваат свој интерес од пловниот пат, а истовремено да го користат тој пловен пат за да ни наметнат своја агресија, да ни наметнат несигурност и да ни забранат пристап до нашите сопствени пловни патишта – порача тој.
Тој додаде дека на Иран му е наметната војна, но дека таа земја докажала оти не се плаши од борба и војна која има одбранбен карактер.
– Доаѓам од Иран, земја во која нашиот почитуван врховен водач (ајатолахот Али Хамнеи) беше убиен без никаква правна основа или причина. Доаѓам од Иран каде што бомбардираа училиште. Ги гледате ли овие деца? Тие страдаа од бомби и оружје што ги користеа Соединетите Американски Држави и Израел. Беа невини, не извршија никаков злочин – порача Пезешкијан.
Тој наведе дека цел на нападите биле и спортски сали, универзитети, здравствени центри, училишта, болници, инфраструктура, но и научници, мажи, жени и деца, додавајќи дека Иран „се брани“.
– Америка и Израел нè нападнаа, опремени со најсовремена технологија и системи на вооружување, но нашиот народ остана непоколеблив. Да, ни нанесоа удари, но не клекнавме ниту ја наведнавме главата. Возвративме, но не гаѓавме цивилно население – истакна иранскиот претседател.
Тој потсети дека на денот на неговата инаугурација во 2024 година беше убиен генералот Исмаил Ханија.
– Во Газа се убиени повеќе од 80.000 невини цивили. Стотици илјади луѓе се раселени. Тие (САД и Израел) вршат геноцид користејќи технологии што им се на располагање, а потоа другите ги нарекуваат терористи. Дали сме ние извор на нестабилност? Ние само сакаме да живееме независно. Ние сме тие што наводно предизвикуваат нестабилност. Дали оние кои спроведуваат тероризам и прават злосторства се всушност чувари на мирот и стабилноста? Тие не се придржуваа до ниту еден меѓународен закон. Ние се соочуваме со тоа – наведе Пезешкијан.
Говорејќи за војната во Појасот Газа, Пезешкијан оцени дека „Палестина е отворена рана на совеста на меѓународната заедница“ и дека „Газа останува симбол на неуспехот на меѓународните механизми да го спречат страдањето на цивилите“.
Тој нагласи дека и покрај повеќето усвоени резолуции, насилството и окупацијата продолжиле.
– Газа, и покрај постојаните убивања и разурнувања од големи размери, ја зајакна верата на народот во отпорот, а отпорот не може да се уништи со бомби и опсада. Нашите регионални прашања мора да се решаваат во самиот регион, од страна на земјите од тој регион, без да се претвораат во играчка во рацете на надворешни агресори. Ниту еден однос со странска сила не смее да стане средство за закани кон соседните земји во регионот – рече Пезешкијан.






