Уште двајца војници отпуштени од Вооружените сили на БиХ поради величење на Младиќ
Уште двајца припадници на Вооружените сили на Босна и Херцеговина се отпуштени од служба поради величење на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ, со што бројот на санкционирани лица по оваа основа достигна 37.

Одлуката ја донесе министерот за одбрана на БиХ, Зукан Хелез, кој порача дека во вооружените сили нема да има толеранција за глорификација на лица осудени за најтешки воени злосторства.
„Додека сум министер за одбрана на Босна и Херцеговина, нема да има толеранција за глорификација на воени злосторници во вооружените сили на Босна и Херцеговина“, изјави Хелез.
Според информациите од Министерството, од вкупно 37 санкционирани припадници, кај десет биле утврдени елементи за понатамошно постапување од страна на судските институции. Меѓу санкционираните се и двајца војници кои неодамна биле примени во служба, а на кои денес им престанал работниот однос.
Хелез информираше и дека останатите пријавени случаи поврзани со величење на воени злосторства се проследени до Обвинителството на БиХ.Одлуката предизвика реакции во БиХ. Премиерот на Република Српска, Саво Миниќ, кандидат на СНСД на Милорад Додик за претседател на Република Српска, ја оцени како „прогон на Србите од вооружените сили на БиХ“.
Ратко Младиќ беше осуден на доживотен затвор за геноцидот во Сребреница, прогон, убиства, депортации и други злосторства против човештвото и воени злосторства извршени за време на војната во БиХ од 1992 до 1995 година.
Во БиХ, со измените на Кривичниот законик од 2021 година, величењето на осудени воени злосторници и воените злосторства е кривично дело






