Судот им го врати пристапот, но на новинарите на Си-ен-ен и Ем-ес нау повторно им било забрането да известуваат од Белата куќа

Иако федерален судија ѝ наложи на администрацијата на Трамп привремено да им ги врати новинарските акредитации на екипите на Си-ен-ен, „Политико“ и Ем-ес нау, кога пристигнале да известуваат од државната вечера по повод доаѓањето на кинескиот претседател Си Ѓинпинг, на екипите на Си-ен-ен и Ем-ес нау не им бил дозволен пристап, а персоналот ги упатил да се обратат до шефот за комуникации на Белата куќа

A view of the North Portico of the White House, Wednesday June 14, 2017 in Washington D.C. (Official White House Photo by Joyce N. Boghosian)

Репортерите на Си-ен-ен и Ем-ес нау објавија дека им било забрането да известуваат од државната вечера во Белата куќа која се одржа вчера по повод доаѓањето на претседателот на Кина, Си Ѓинпинг.

Ова следува откако федерален судија ѝ наложи на администрацијата на Доналд Трамп привремено да им ги врати новинарските акредитации и да им овозможи пристап до Белата куќа на екипите на Си-ен-ен, „Политико“ и Ем-ес нау, кои им беа одземени откако американскиот претседател ги обвини оти пласираат лажни вести.

Сепак, кога пристигнале да известуваат од државната вечера, на екипите на Си-ен-ен и Ем-ес нау не им бил дозволен пристап, а персоналот ги упатил да се обратат до шефот за комуникации на Белата куќа. На околу еден час пред пристигнувањето на Си Ѓинпинг, Белата куќа соопштила дека можат да известуваат од настанот, но само со фоторепортери, без новинари и продуценти како што им било дозволено на другите новинарски екипи.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп во објава на Трут соушл ги обвини дека одбиле да известуваат од, како што рече, еден од најголемите и најубавите настани во последните години.

„За да ви покажат колку се лажни, Си-ен-ен и Ем-ес нау одбија да известуваат за еден од најголемите и најубавите настани што се случиле во последните години, пристигнувањето на кинескиот претседател Си Ѓинпинг и неговата сопруга во Белата куќа. Настанот беше величествен и всушност создаден за телевизија, но бидејќи тие го знаеја тоа и не сакаа заслугата да му припадне на Трамп, одбија да бидат присутни. Токму затоа имаат толку слаби рејтинзи“,напиша Трамп на Трут соушл.

Back to top button
Close