Американскиот Врховен суд ја укина одлуката со која се блокираше базата за проверка на гласачите

Врховниот суд на САД денеска повторно ја активираше проширената база на податоци за имиграцијата, за која администрацијата на претседателот Доналд Трамп тврди дека е наменета за борба против гласањето на лица кои не се американски државјани, додека критичарите предупредуваат дека ги загрозува правото на глас на граѓаните кои ги исполнуваат условите.
Судиите го одобрија барањето на Министерството за правда да се поништи одлуката на понискиот суд, со која им беше забрането на државните службеници да користат броеви на социјално осигурување и други податоци за спроведување широки проверки на статусот на државјанство на регистрираните гласачи.
Владиниот систем за споделување податоци е една од низата акции што ја зајакнуваат улогата на федералните власти во изборниот процес пред ноемвриските среднорочни избори, на кои републиканците на Трамп се стремат да ја задржат контролата врз Конгресот.
Согласно Уставот на САД, сојузните држави имаат ингеренции за организирање на изборите.
Минатата година, Министерството за внатрешна безбедност ја прошири федералната база на податоци за лица кои не се државјани на САД. Новата верзија овозможува пребарување на голем број податоци со броевите од социјално осигурување на поединците.
Оттогаш, неколку држави предводени од републиканците ги споредија своите гласачки списоци со базата на податоци, а на лицата за кои е утврдено дека наводно немаат државјанство им е откажана регистрацијата на гласачи.
Критичарите наведуваат дека републиканците не се толку загрижени за безбедноста туку за стекнување политичка предност преку намалување на електоратот. Тие, исто така, наведуваат дека со системот од избирачкиот список ќе бидат отстранети и гласачите на Демократската партија.
Здруженијата за заштита на правото поднесоа тужба за блокирање на проширената база, тврдејќи дека новиот пристап довел до бришење од избирачкиот список на голем број луѓе, кои погрешно биле идентификувани како странци.






