Се запали траект натоварен со камиони и коли кај Миконос
Утрово избувна пожар на грчки траект што превезувал камиони и автомобили северно од Миконос, објави „Грик сити тајмс“. Пожарот избувнал околу 9 часот во една од гаражите на бродот „Блу Кериер 2“, а надлежните истражуваат дали камион можеби бил причина за пожарот.
На бродот имало 29 луѓе, од кои 28 членови на екипажот и еден возач на камион. Сите биле евакуирани во чамците за спасување, а подоцна биле преземени од бродови што се нашле во близина и безбедно пренесени на островот Тинос.
Нема пријавено загинати или повредени. Откако сите луѓе биле безбедно евакуирани, спасувачките екипи се фокусирале на гаснење на пожарот и на спречување евентуално загадување на морето.






