Германски медиуми: Бугарите уапсени за палење во Минхен се дел од мрежа на ГРУ

Двајцата бугарски државјани уапсени од полицијата во Минхен по обидот за палеж на фабрика за производство на дронови биле дел од мрежа на руската Главна разузнавачка дирекција (ГРУ). Тоа го објави „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, повикувајќи се на извори во германските безбедносни сили.
Обидот за палење беше извршен на 3 септември со фрлање фрлање молотови коктели од автомобил во движење на градилиште на технолошките компании „Роде и Шварц“ и „Хелсинг“. Хелсинг снабдуваат дронови за украинската армија. Маж и жена на возраст од 38 и 28 години со бугарски лични документи беа уапсени за нападот.
Властите во Германија веруваат дека притворените се регрутирани „агенти од пониско ниво“. Тие проценуваат дека штетата била минимална поради аматерските дејствија на сторителите, пренесоа бугарските медиуми.
Истата група планирала да ја запали фабриката на украинската компанија „Скајтон“ во близина на Прешов, која произведува дронови за надзор за Украина.
Овој напад беше осуетен, а на 25 август, латвиски и украински државјани беа приведени во Словачка, а друг латвиец беше уапсен во Хамбург.
Според весникот, истражителите го поврзуваат и палењето во Минхен и нападот со беспилотно летало на аеродромот во Лајпциг на 4 август со ГРУ.
Германските разузнавачки агенции веруваат дека операциите сега ги води владината Служба за специјални активности, која изгради логистичка мрежа низ цела Европа. Групата од Лајпциг, според изворите на весникот, ја предводел офицерот на ГРУ, Денис Смолјанинов.
Целта на нападите е да се прекинат воените испораки за Украина и да се принуди Европа да ја запре помошта за Киев.






