Реакции во Грција по написот во „Вол Стрит Џурнал“ за дијалогот на амбасадорката на САД во Атина со грчкиот министер за енергетика

Никогаш не се покрена прашање на закана кон грчката Влада, ниту пак такво нешто некогаш би било прифатено, одговори портпарол на грчката влада Павлос Маринакис по написот во „Вол Стрит Џурнал“, според кој американската амбасадорка во Грција Кимберли Гилфојл за време на вечера со официјални лица во март годинава, кога бил споменат падот на романската Влада, на грчкиот министер за енергетика Ставрос Папаставру, му рекла „Можеме да го направиме ова во која било земја сакаме. Можеме да го направиме и овде.“, јави дописничката на МИА од Атина.

Натписот во американскиот весник, веќе два дена е актуелна тема во грчките медиуми, кои пишуваат дека текстот се фокусира на улогата на лобистот Христос Марафацос, се наведува дека амбасадорката на САД го промовира американскиот ЛНГ во поширокиот регион на Балканот, а го пренесуваат и она што Гилфојл му го рекла на Папаставроу, кој одговорил дека САД не можат да ја заменат владата на Грција, која е избрана од народот.

Според истите информации, адвокатот на Гилфојл категорично го отфрлил начинот на кој бил опишан разговорот.

Во Грција, сите опозициски партии преку соопштенија, вчера и денеска побараа одговори од грчката Влада, а владиниот портпарол на редовниот брифинг со новинарите, пред сè рече дека пракса е да не ги коментира натписите во медиумите, но и посочи дека „никогаш не постоела закана до грчката Влада“.

 

Маринакис се осврна на грчко-американските односи, кои ги карактеризираше како „постабилни и поблиски од било кога досега“, при што рече дека тоа е „стратешки однос што се темели на заемна почит и заеднички вредности“.

 

-Во однос на енергетиката, Грција е стратешки партнер на САД и постојат многу примери што го докажуваат ова. „Ексонмобил“ и „Шеврон“ инвестираат заедно со грчки компании во истражување на енергетските ресурси на земјата, а за неколку месеци планирано е првото дупчење во Јонското море, по речиси 50 години. Паралелно Вертикалниот коридор, придонесува за диверзификација на изворите и снабдувањето, ја зајакнува енергетската безбедност на Грција и го надградува снабдувањето и на други, трети земји. Грчката Влада работи на енергетско и геополитичка надградба на земјата и во служба на националниот интерес и не се вмешува во комерцијални и бизнис ривалства, посочи Маринакис.

Додаде дека за американскиот ЛНГ (течен природен гас) не постои никаква политичка уцена.

Back to top button
Close