ВМРО-ДПМНЕ: Политиката на Филипче само да се биде против ја турка СДСМ во уште поголема криза и кон целосно исчезнување
СДСМ и нејзиниот претседател Венко Филипче ја градат својата политика исклучиво на принципот да бидат против сите ставови на власта, без јасна визија и конкретна понуда за граѓаните, што ја води партијата кон дополнителни поделби, раздор и целосен распад, велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку партиско соопштение.

Од владејачката партија истакнуваат дека во СДСМ на отворена сцена се случуваат меѓусебни пресметки, навреди и борба за превласт меѓу различни фракции, додека раководството го напаѓа секој што размислува различно со цел да ги зачува сопствените позиции.
„Наместо да се обединат во една опозициска опција, за каква што има потреба Македонија, со јасни и аргументирани ставови, со предлози и издржани критики, секој во СДС си гледа за себе, а најмногу Филипче“,пишува во соопштението.
Оттаму нагласуваат дека, иако станува збор за внатрешни партиски работи на опозицијата, слабеењето на СДСМ не е добро за демократските процеси во земјата.
„На Македонија и треба силна, консолидирана и согласна опозиција која ќе биде коректив на власта, а не вака внатрешно, меѓусебно раскарана опозиција која не им нуди никави решенија и алтернатива на граѓаните, со став да се биде против, колку да се биде против“се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата и порачуваат на СДСМ да не го потценува народот додавајќи дека тие многу добро знаат зошто ја дале довербата на ВМРО-ДПМНЕ, а на нив им дале црвен картон.
„Редно е Венко Филипче да ја разбере оваа јасна политичка порака и ако сака да ја консолидира и стабилизира партијата, мора да разбере дека политиката да се биде исклучиво против не е визија, туку дека тоа води единствено кон тонење и исчезнување на СДС“додаваат од ВМРО.
Денеска од СДСМ, пак, преку соопштение реагираа на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека партијата е против сите политики на власта. Од СДСМ упатија критики до власта за падот на инвестициите, економските политики, корупција и неодговорно управување со државните ресурси.






