Стојков: Не е потврдено дека останките се на цар Самуил, примопредавањето може да биде политички искористено

Историчарот и професор по средновековна историја Стојко Стојков смета дека најавеното примопредавање на посмртните останки за кои се смета дека му припаѓаат на цар Самуил од Грција на Бугарија не треба да се гледа само како историско прашање, туку и како правно и политичко прашање.
Клоп не е подготвен за нови титули: „Доколку има санкции за Сити, јас немам никаква врска со тоа“
Македонскиот репрезентативец Адем Мекиќ го засили МКК Куманово
МОН ги објави резултатите од конкурсот за сместување на бруцоши во студентските домови
Според Стојков, не е научно потврдено дека останките откриени во 1965 година во базиликата „Свети Ахил“ на островот Свети Ахил во Преспа навистина му припаѓаат на цар Самуил. Тој смета дека токму поради тоа Бугарија нема правна основа да ги бара останките.
„Овој чин на примопредавање на останките на цар Самуил што го договориле Бугарија и Грција не е само историско прашање, туку и правно. Бугарија нема правна основа да ги бара тие останки – ниту се пронајдени па изнесени од нејзина територија, ниту ѝ припаѓале на Бугарија, а ниту е потврдено дека тие останки се воопшто на цар Самуил. Откриени се на грчкиот дел од Преспа, на островот Свети Ахил, пред педесетина години и не е потврдено дали се од цар Самуил. Можеби се, а можеби и не се“, вели Стојков за Мкд.мк.
Тој оценува дека церемонијата, која е најавена за 3 октомври во Музејот на византиската култура во Солун, може да биде искористена и за политички и пропагандни цели во контекст на историските спорови меѓу Скопје, Софија и Атина. Бугарскиот премиер Румен Радев на 29 септември објави дека Грција официјално ќе ги предаде останките на бугарската држава, по што тие треба да бидат пренесени во Софија.
Стојков смета дека договорот меѓу Бугарија и Грција треба да се разгледува и во поширок контекст на нивната соработка околу историските и културните артефакти.
„Во секој случај, ова примопредавање на артефактите ќе биде искористено во пропагандни цели против Македонија“, тврди Стојков, додавајќи дека Македонија, според него, треба да ги побара артефактите што биле изнесени од нејзината територија во периодите на бугарска окупација.
Договорот меѓу Бугарија и Грција, според најавите од Софија, предвидува и реципрочна размена на историски, религиозни и културни предмети. Заедно со останките за кои се смета дека му припаѓаат на Самуил, треба да бидат предадени и останките од уште два саркофага, за кои се смета дека припаѓаат на цар Гаврил Радомир и други членови на царското семејство.






