Македонија нема да испраќа војници во Украина, рече министерот Мисајловски

Македонија нема да испраќа свои војници во Украина, изјави министерот за одбрана Владо Мисајловски, нагласувајќи дека државата никогаш не презела таква обврска и дека во моментов фокусот е ставен на поддршка на мировните напори и можната обнова на земјата по завршувањето на војната.
Одговарајќи на прашања поврзани со иницијативите за поддршка на Украина и состаноците на групата земји кои разговараат за активностите по евентуалното постигнување мир, Мисајловски потенцираше дека Македонија нема намера да испраќа воен персонал.
– Ние никогаш не сме ветиле и никогаш не сме кажале дека македонски граѓани ќе одат. Тоа треба секој да го знае и многу пати сум ја давал оваа изјава. Македонски војници на украинско тло нема да има. Ние веруваме да има мировен договор, тоа е нашиот став – рече Мисајловски во гостување на Канал 5 телевизија.
Тој посочи дека Македонија разгледува можности за вклучување во меѓународни иницијативи преку трипартитни договори, со кои би донирала одредена опрема, а за возврат би добила поддршка преку соодветни фондови. Како што нагласи, за ова веќе било разговарано и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Одговарајќи на прашање дали можеме како земја членка на НАТО да одбиеме ако дојде такво барање, тој одговори дека тоа не е обврска што произлегува од Алијансата.
– Ова не е обврска што произлегува од НАТО. Нема таква обврска. Станува збор за иницијатива на големите сили на Европа, Франција, Германија и Обединетото Кралство, каде што се обидуваат како да придонесат повеќе за Европа и Украина – рече министерот.
Додаде дека прво мора да се постигне мир, а дури потоа да се разговара за сите други аспекти на поддршката.
– Во овој период има позитивни најави за можен напредок кон мирно решение. Добро е што се разговара за мир. Тоа е нешто што сите го посакуваме и поддржуваме – рече тој.






