(ВИДЕО) Првпат спомнат можен датум за роаминг во ЕУ по цени како дома – летото 2027 година

„Кога земјите кандидатки ги исполнуваат своите обврски, тогаш и Европската Унија треба да го заврши својот дел“ – пораки на поддршка, повици за забрзување на реформите, но и во еден дел самокритика за тоа што Западен Балкан повеќе од 20 години се уште е само во предворјето на Европа. Тоа можеше да се слушне овде во Виена од конференцијата за Западниот Балкан во т.н. формат „Славков“ – иницијатива на три држави членки на ЕУ – Австрија, Словачка и Чешка.

„Чувството што провејуваше е дека има нов импулс, барем кај овие три членки на Унијата, регионот конечно да добие успешна приказна. Црна Гора е најблиску тоа“ – факт што не го криеше домаќинката – австриската министерка за Европа, Клаудија Бауер.

Клаудија Бауер беше домаќинка на министри од земјите од регионот
„Црна Гора покажува што може да се постигне со решителност. Црна Гора може да биде 28 членка на Европската Унија и мислам дека политиката на проширување, пристапната политика на ЕУ, не треба да се гледа само како технички процес, таа е и во наш стратешки интерес“,

изјави Клаудија Бауер, министерката за европски прашања на Австрија.
Црна Гора ја брка 2028 г.
Црна Гора има привремено затворено 18 од 33 поглавја и планира до крајот на годината да ги затвори сите, а со тоа и да ги заврши преговорите. Потоа, би требало да се потпише пристапниот договор на кој веќе се работи во Брисел, по што следува најделикатната фаза – негова ратификација од сите 27 земји членки на Унијата. Моето прашање до црногорската министерка за европски прашања беше за можните пречки на патот до остварување на целта за влез во ЕУ во 2028 година.

360°: Ја споменавте геополитиката и заканите за конечното пристапување на вашата земја во Европската Унија. Каде ја гледате најголемата опасност? Дали е тоа Хрватска, вашиот сосед, дали е подемот на крајната десница во Германија или, пак, претстојните избори во Франција?

„Кога станува збор за процесот, дури и со фактот што техничкиот дел е многу предвидлив, кога станува збор за политиката, можам да кажам дека има неизвесност, секако, во сите 27 земји. Ние навистина посветуваме многу внимание на комуникацијата со сите земји членки. Во овој момент, ние сме фокусирани на затворање на поглавјата, завршување и потпишување на пристапниот договор и, секако, на политичко ниво, да разговараме со Хрватите, дури и покрај тоа што – да, имаме некои отворени прашања со нив. Ние ги решаваме на билатерално ниво, на многу пријателски и добрососедски начин, но исто така и да преговараме со сите 27 и да им објасниме на граѓаните на земјите – што е нешто што го ценам со оваа прес-конференција – зошто утре Црна Гора нема да биде некој вид, да предизвика каков било проблем, туку само да донесе придобивки за граѓаните, исто така и во сите земји членки“,

одговори Маида Горчевиќ, министерка за европски прашања на Црна Гора.
Иако заостанува зад Црна Гора, чекор во процесот се обидува да држи и Албанија. Ги има отворено сите поглавја, а три се веќе привремено затворени.

Во Виена се одржа конференција за Западен Балкан
„За Албанија и за албанскиот народ, влегувањето во Европа не е само дестинација. Тоа не е само политичка цел. Тоа е враќање дома. Таму припаѓаме, таму чувствуваме дека сме дел од нешто и апсолутно таму сакаме да бидеме. И ќе направиме сè според правилата, во согласност со методологијата или со какви било правила што ќе ги утврди Европската Унија, бидејќи тоа е она што луѓето го посакувале и го посакуваат, и ќе направиме сè за навистина да стигнеме таму“,

порача Ферит Хоџа, министер за Европа и за надворешни работи на Албанија.
„Роаминг како дома“ од налето 2027 г.?
Од конференцијата во главниот град на Австрија првпат од еден европски претставник се слушна потенцијален датум за роаминг во Европската Унија за македонските граѓани по цени како дома. Досега постоеја надежи дека таа поволност ќе важи од први јануари 2027 година.

„Ја повикувам Европската комисија да го постави летото 2027 година како цел за сите шест партнери да се приклучат кон зоната за роаминг на ЕУ. Десет години откако укинувањето на доплатите заврши во рамките на Европската Унија, луѓето што го посетуваат Западен Балкан треба исто така да ги користат своите телефони под исти услови како дома. Ни треба еден координиран пакет, заеднички шаблони за договори, паралелни преговори и јасни рокови за потребните реформи и договори. Секој партнер мора да ги исполни условите – оние што се подготвени порано, треба да можат да напредуваат порано. Заштедите мора да стигнат до сметките за телефон на луѓето пред следното лето“,изјави Бауер.

Беким Сали: Стагнираме поради билатерализација
Македонија во Виена беше претставена од вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали. Го прашавме за атмосферата на конференцијата и за новите моменти во процесот.

360°: Вицепремиере, според Вас, каков е резултатот од конференцијата во Виена? По состанокот во Њујорк, одржан во сличен формат и во присуство на Каја Калас, премиерот излезе со изјава дека е загрижен поради подбуцнувачките тонови што ги слушнал од дел од државите учеснички на таа средба.

Беким Сали: Конференцијата во Виена беше иницирана од форматот „Славков“ – односно од три земји членки на Европската Унија: Австрија, Словачка и Чешка. Беше организирана конференција за Западен Балкан, на која учествуваа сите земји од регионот и земјите членки на ЕУ. Пораките беа јасни: поддршката од трите земји е целосна за секоја земја кандидат. Нашиот став беше пренесен: подготвени сме да го спроведеме целиот процес за кој сме се согласиле како земја кандидат за полноправно членство во Европската Унија. Северна Македонија уште еднаш потврди дека е долг период во процесот на интеграција. Со Планот за раст и Реформската агенда ги зајакнуваме капацитетите на институциите и соработката со Европската комисија.

360°: Според информациите, Северна Македонија не е дел од групата земји што ќе добијат патоказ со чекори до конечното зачленување во Европската Унија. Дали тоа значи дека земјата се приклучува кон групата со Србија, Босна и Херцеговина и Косово, со нејасна перспектива во наредниот период?

Беким Сали: Во однос на патоказите, не би сакал да ја групирам Северна Македонија со одредени земји кандидати од Западен Балкан. Би рекол дека причината поради која стагнираме во тој дел е позната: билатерализацијата на процесот со нашиот источен сосед. Се надевам дека тој процес ќе се надмине со дополнителен ангажман, поголема дипломатска активност од наша страна и поддршка од земјите членки на Европската Унија што ни се пријатели.

360°: Вицепремиере, како да ги разбереме изјавите на премиерот и на министерот за надворешни работи, кои во последните денови инсистираат на вклучување на Европската Унија во разговорите меѓу Скопје и Софија? Дали тоа значи дека нешто се одвива зад сцената, без знаење на јавноста?

Беким Сали: Не би прејудицирал што се случува зад сцената. Отвореното прашање мора некогаш да се дебатира и да се најде решение. Од искуството во минатиот период, кога воопшто немавме комуникација околу шест години, сега веќе имаме нови иницијативи. Северна Македонија, односно нашата влада, отсекогаш била подготвена за средба и разговор со соседна Бугарија. За жал, претходно немаше таква подготвеност од другата страна. Сметаме дека во наредниот период, сега кога Бугарија има стабилна влада, треба еднаш засекогаш да седнеме и да разговараме. Секој што ќе ни биде добронамерен пријател и фактор во процесот може, условно кажано, да биде сведок на разговорите што ќе ги водиме двете држави.

360°: Какви пораки може да очекуваме од посетата на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, на Скопје?

Беким Сали: Нејзината посета кај нас ќе биде потврда дека сме на вистинскиот пат. Не можам да прејудицирам, но се надевам дека нејзиниот впечаток ќе биде позитивен. Минатата година можеби имала поинаква слика за нашиот процес, а оваа година докажуваме дека имаме институционални капацитети и посветеност на интеграцијата на нашата земја во Европската Унија.Се надевам дека од посетата ќе замине со позитивно искуство. За пораката што ќе ја испрати, да почекаме да пристигне и да ни го пренесе она што треба.

За Австрија се достижни уставни измени со одложено дејство
Нашата покана за интервју на тема – проширување на ЕУ, со фокус на Македонија, ја прифати и австриската министерка за Европа, Клаудија Бауер. Станува збор за 31-годишна политичарка, една од надоаѓачките ѕвезди на владејачката Народна партија на Австрија на канцеларот Кристијан Штокер.

Австриската министерка за Европа смета дека е изводливо сценариото за уставни измени со одложено дејство
Таа смета дека е изводлива опцијата – уставни измени со одложено дејство, без да прецизира како тоа да се реализира.

„Мислам дека е изводливо. Јас сум оптимист и се надевам, особено за земја како Северна Македонија, дека имаме некои конкретни чекори сега кога гледаме дека процесот на пристапување оди напред, и ни треба тоа. Особено Северна Македонија има потреба од тоа. Земја која е многу посветена на нашите европски вредности, земја која е многу посветена на процесот на пристапување, бидејќи дури го сменивте и името на вашата земја, и мислам дека е крајно време да видиме напредок и таму. Затоа, да, некои билатерални прашања сепак очигледно треба да се разговараат, но кога има решение, тогаш можам само уште еднаш да го поддржам пристапот заснован врз заслуги. Исполнети се сите неопходности, а Европската комисија исто така известува за тоа во годишниот извештај за земјите во процес проширување. Мислам дека тогаш е крајно време да се отворат првите поглавја и кластери“,

вели Бауер во интервјуто за „360 степени“.
Австриската министерка нема многу дилеми околу целта на Подгорица – во 2028 година Црна Гора да стане полноправна членка на ЕУ.

Од Австрија, поддршката за проширувањето е јасна, но патот до членството станува сè поразличен за секоја од земјите во регионот. Додека Црна Гора веќе зборува за завршување на преговорите, за Македонија прашањето останува како да ги придвижи. Вистинската вредност на пораките од овој собир ќе се мери со тоа дали и колку ќе помогнат таа разлика да се намали.

„К

Back to top button
Close