Истражување на „КУЛТ“: Младите во БиХ сè помалку учествуваат на изборите – само 3,1 отсто имаат доверба во политичките партии

Недовербата во политичките партии, незадоволството од понудените кандидати и слабиот интерес за политичките случувања се меѓу главните причини поради кои дел од младите во Босна и Херцеговина не учествуваат во изборниот процес. Ова го покажува истражувањето на босанскиот Институт за развој на младите „КУЛТ“, кое бележи континуиран пад на излезноста меѓу младите во последните неколку изборни циклуси, како и поразителни податоци според кои едвај 3,1 отсто од нив им веруваат на политичките партии, а речиси половина (48,1 отсто) немаат никаква доверба.

Податоците од 2020 година покажуваат дека уделот на младите кои гласале на тогашните локални избори изнесувал 51,44 отсто. Две години подоцна, овој показател бил понизок – малку над 47 отсто го оствариле правото на глас на општите избори, додека на локалните избори во 2024 година излезноста меѓу младешката популација се спуштила на 45,3 отсто, пренесува ФЕНА.

Според истражувањето насловено „Политичка писменост на младите во Босна и Херцеговина“, 42,2 отсто од младите до извесна степен или силно се интересираат за политиката и за политичките случувања, додека 38,5 отсто изјавиле дека имаат слаб интерес или воопшто не се интересираат. Мажите покажуваат поголем интерес за политиката (48,4 отсто) во споредба со жените (35,8 отсто). Исто така, интересот за политиката се зголемува со возраста – младите од највозрасната група (меѓу 25 и 30 години) покажуваат најголем интерес, додека највисоко ниво на незаинтересираност е забележано кај оние на возраст од 15 до 19 години.

Младите кои не учествуваат на изборите, иако имаат право на глас, наведуваат дека се демотивирани од понудените политички алтернативи, односно од кандидатите и партиите за кои би можеле да гласаат. Тоа значи дека ниската излезност не се должи единствено на недостигот од интерес за политиката, туку и на проценката на младите дека политичките опции не им даваат доволно причини за учество. Од друга страна, резултатите од фокус-групите покажуваат дека оние кои гласаат главно се мотивирани од чувството на граѓанска должност и желбата за промени. Притоа, младите споделиле дека понекогаш гласаат дури и кога немаат високо мислење за политичарите, при што во такви случаи нивниот глас претставува форма на протест.

Во однос на информираноста, 38,5 отсто од младите воопшто не ги следат политичките случувања и кампањи, 28,6 отсто добиваат информации патемно преку медиумите, 17,9 отсто ги следат само оние политичари што ги интересираат, а 15 отсто вложуваат труд за да бидат информирани. Покрај тоа, повеќе од една третина од младите (34,8 отсто) изјавиле дека не ги читаат партиските програми пред да гласаат – од нив 19,7 отсто рекле дека никогаш не ги читаат, а 15,1 отсто не ги читаат бидејќи сметаат дека партиите нема да исполни ниту едно од дадените ветувања. Од друга страна, 36,4 отсто навеле дека ги читаат програмите и врз основа на нив носат одлука.

Истражувањето на Институтот „КУЛТ“ покажува и длабок скептицизам во однос на исполнувањето на предизборните ветувања: повеќе од една третина (38,4 отсто) сметаат дека политичарите главно не ги исполнуваат ветувањата откако ќе стапат на функција, 16,8 отсто веруваат дека воопшто не ги исполнуваат, а 25,8 отсто сметаат дека ги исполнуваат само делумно. Едвај 1,1 отсто од младите во БиХ веруваат дека политичарите целосно ги исполнуваат своите ветувања.

Дополнително, 42,8 отсто од испитаниците се изјасниле како неутрални во однос на довербата кон политичките партии, посочувајќи дека ниту имаат, ниту немаат доверба во нив.

Back to top button
Close