Пакистан: Иран предложи политички контакти со Хутите, прашањето ќе се разгледува во Ријад
Иран предложи воспоставување политички контакти со јеменските бунтовници Хути за решавање на кризата по нивните зачестени напади врз Саудиска Арабија, а предлогот ќе биде разгледан следната недела во Ријад на вонредна седница на земјите потписнички на Заедничкиот договор за одбрана од Мека – изјави денеска пакистанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Исхак Дар.
Предлогот од Техеран доаѓа во момент кога Саудиска Арабија, која ги обвинува Хутите за напади врз Мека и Медина, се соочува со сè почести безбедносни закани. Според Дар, Саудиска Арабија, Турција и Пакистан – кои на 7 август годинава го потпишаа одбранбениот пакт со кој вооружен напад врз една земја се смета за напад врз сите три – на претстојната средба во Ријад ќе одлучат за мерките што треба да ги преземат, при што датумот на состанокот дополнително ќе биде објавен. Состанокот следи откако началниците на вооружените сили на трите земји минатиот петок ги осудија нападите врз Саудиска Арабија и ветија заштита на светите места на исламот.
Шефот на пакистанската дипломатија истакна дека Иран се дистанцирал од Хутите и од вооружените групи во Ирак, нагласувајќи дека иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и министерот за надворешни работи Абас Арагчи бараат мирно решение за овие прашања. Дар појасни дека го информирал Техеран за обврските што произлегуваат од Мека-пактот, додавајќи дека иранската иницијатива засега е само усна размена на идеи меѓу министрите како гест на добра волја и ќе се разгледува како дипломатска алтернатива на „конвенционалните воени дејствија“.
Шефот на пакистанската дипломатија откри дека повеќе од шест земји изразиле желба да се приклучат кон овој одбранбен договор, но новите барања за членство нема да можат да се разгледуваат додека пактот целосно не стапи во сила, што може да потрае речиси една година. Дар се осврна и на тензиите во регионот, нагласувајќи дека за минувањето низ Ормускката Теснина не треба да се наплаќаат такси, откако протокот стана преговарачки залог во речиси седуммесечниот конфликт меѓу Иран и САД.






