Кремљ: ЕУ е опседната со идејата за милитаризација

Кремљ денеска ја осуди „милитаризацијата“ на Европската Унија, еден ден откако Франција тестираше нова интерконтинентална ракета способна да носи нуклеарна боева глава – проба на која присуствуваше и францускиот претседател Емануел Макрон.
– Ова е јасна и недвосмислена порака. Европа е опседната со идејата за милитаризација – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, оценувајќи дека ЕУ се обидува да го претвори економскиот блок во воено-политички сојуз.
Францускиот претседател Емануел Макрон вчера лично го следеше првото тестирање на стратешката балистичка ракета со можност за носење нуклеарна боева глава, истрелана од подморница. Пробата се спроведе во услови на зголемени тензии во Европа, каде што повеќе земји ја обвинуваат Москва за серија хибридни напади.
Песков истакна дека ЕУ го гради својот идентитет во областа на одбраната и безбедноста врз спротивставувањето на Русија, означувајќи ја ваквата политика како „ќорсокак“.
– Соочена со ваквите агресивни дејствија и планови, Русија останува будна и ги презема сите неопходни мерки за да ја загарантира својата безбедност – додаде тој, но истовремено потврди дека Москва останува „отворена за дијалог“.
Според портпаролот на Кремљ, сите отворени прашања треба да се решаваат преку разговори, а не преку демонстрација на воена сила.
– Сметаме дека секој проблем треба да се решава не преку демонстративни ракетни тестирања, туку преку дијалог – нагласи Песков.
Минатата недела и рускиот претседател Владимир Путин повтори дека неговата земја „нема намера да напаѓа никого“. Тој сепак предупреди дека во случај на напад врз руска територија од страна на земји членки на НАТО, Русија ќе се брани со „сите видови оружје“ со кои располага.






