Паника на аеродромот во Минхен: забележана голема дива мачка, можно е да е пума

Вознемиреност владее во близина на минхенскиот аеродром откако во заштитено подрачје во Баварија е забележана голема дива мачка за која стручните лица се сомневаат дека би можела да биде пума.
Животното било забележано во текот на ноќта меѓу вторник и среда во заштитеното подрачје Ноцингермоос, во општината Обердинг, на само неколку километри од минхенскиот аеродром.
„Според првата стручна проценка, би можело да се работи за пума“, изјавила портпаролката на окружната управа Ердинг.
Според информациите на „Билд“, постои и фотографија на животното, која е оценета како веродостојна, а најверојатно е направена со камера за следење на диви животни. Наводно, животното го пријавил ловец.
Надлежните засега немаат информации од каде би можела да пристигне дивата мачка, ниту пак дека во околината има циркус.
Поради можноста дека се работи за пума, властите ги повикаа граѓаните на максимална претпазливост. На децата им се препорачува да бидат надвор само под надзор на возрасни, додека кучињата треба да се држат на поводник.
Пумите природно живеат во Северна и Јужна Америка и населуваат различни средини, од планински и шумски предели до степи и пустини. Иако главно ги избегнуваат луѓето, нападите врз човек се ретки, но можат да бидат опасни.






