До 2040 година Битола ќе се поврзе со воз до аеродромите во Скопје и во Охрид

Битола со железничка линија да се поврзе со двата аеродрома во државата, во Скопје и во Охрид. Ова е предвидено во Нацрт-просторниот план на Македонија до 2040 година, кој беше презентиран во Битола, со посебен осврт на Пелагонискиот Регион.
Целта е трите поголеми градови најоддалечени од Скопје – Битола, Струмица и Охрид – со железница да се поврзат со главниот град за 90 минути, рече професорот Зоран Каракутовски од Градежниот факултет во Скопје.
„За тоа треба да се изгради брза пруга Скопје – Битола, која ќе минува преку железничка станица во Градско, а потоа ќе има девијација кон Росоман и Раец, со тунел под Плетвар за да може за еден час да се стигне до Прилеп. Од Прилеп до Битола е предвидена реконструкција на пругата, со електрификација и брзина од 120 до 149 километри на час. Така, Битола би била оддалечена 80 минути од скопскиот аеродром“, рече Каракутовски.
Извор: nezavisen.mk






