ЕЛАСТИЧНА КИЧМА
Или, како што вика Бугарија - еден народ, две држави.
Сосема ме збуни премиерот Христијан Мицкоски кој од собраниска говорница призна дека неговиот баџанак со бизниси во Бугарија има бугарски пасош уште од 2003 година, ама рече тоа не е грев затоа што тој парите што ги заработувал таму ги трошел тука.
Чекај сега, нешто не ми е јасна политикава на Владата за пристапување кон ЕУ. Каде тераме?
Значи, виткање на кичмата е ако некои 3.000 граѓани на Македонија што на пописот се изјасниле како Бугари се спомнат во Уставот. А врв на патриотизам и заштита на идентитетот е да да им кажеш на Македонците и на сите други граѓани, кои спомнати, кои неспомнати во Уставот: ако сакате во ЕУ, земете си бугарски пасоши, ама парите тука да ги трошите.
Премиерот во Собрание, во одговор на прашање на пратеникот Димитар Апасиев рече: „Јас навистина не можам да сфатам што е грев, па дури и да е бугарски граѓанин, па дури и да еве во Бугарија да прави бизнис во левови, милиони како што кажувате, и тие пари да ги донесе во Македонија и тука да ги троши. Јас навистина не можам да сфатам што е грев, парите кои што ги заработуваат луѓето надвор да ги донесат тука, место да ги изнесуваат или да речеме да летуваат во скапи хотели на егејското крајбрежје или да шопингуваат во Тесалоники“.
Во други земји што дозволуваат двојно државјанство, никој не ти бара да кажеш дека не си Македонец. Во Бугарија, ако сакаш да земеш и бугарско државјанство треба да се откажеш од македонскиот идентитет. Таму за да добиеш пасош не те прашуваат дали пасошот ти треба за продавање хулахопки, работа во сендвичара, возење камион… За да добиеш бугарски пасош не те прашуваат дали си лекар, студент, стечаец или бизнисмен. Те прашуваат дали си Бугарин.
Да не ме разберете погрешно: навистина не е грев дека баџанакот и сестрата на сопругата на премиерот имаат бугарски пасош. Си кажале дека се Бугари, си добиле државјанство, си станале граѓани на ЕУ. Ама, голем грев е кога премиерот секој ден ти се претставува како ексклузивен заштитник на македонштината, обвинува за предавства, коленичење, гланцање чевли и најавува дека ни милиметар нема да отстапи и ако треба и со децении ќе чекаме да влеземе во ЕУ, а од друга страна не гледа ништо лошо ако некој граѓанин побрза да си влезе во ЕУ со бугарски пасош.
Или, само за министрите и пратениците и нивните семејства не е грев ако имаат бугарски пасоши? Кога се пари во прашање нивната кичма што не се витка станува еластична.
Па уште и нам што сме запнале да влеземе во ЕУ, ама со македонски пасош и со македонски идентитет, премиерот летоска ни држеше лекции да одмараме дома ако не сакаме да нè малтретираат по шенгенските граници. Оти, тие што имаат македонски пасоши и тука плаќаат даноци, а одат на одмор или викенд во странство се предавници. А тие што имаат бугарски пасоши и плаќаат данок во Бугарија се патриоти затоа што ги трошат парите тука.
Значи, пораката што ја испрати премиерот од говорницата во македонското Собрание е: Македонците што сакаат во ЕУ нека си се пишат Бугари и нека си земат бугарски пасоши. А јас Македонија ќе ја држам надвор од ЕУ. Граѓаните во ЕУ. Нивната држава – не.
Или, како што вика Бугарија – еден народ, две држави.Сè друго е замајување на јавноста.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече: „На СДСМ им избегаа криминалци кои за Ива Михајлова се Бред Пит“.
Што е следно? Да чекаме и Џорџ Клуни да ни избега?
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК






