По молотовите коктели и судирите во Тирана: 30 уапсени, четворица остануваат во притвор, други добија забрана за приближување до институции

Судот во Тирана одлучи четворица од вкупно 30 уапсени по насилните протести во албанската престолнина да останат во притвор, додека за останатите се определени поблаги мерки, меѓу кои куќен притвор, задолжително јавување кај надлежните органи и ограничување на движењето.

Screenshot

Со одлуката донесена на 17 октомври, Основниот суд во Тирана ги оцени апсењата како законски, по барањата на обвинителството во постапката за сомневања за уништување имот, организирање и учество во незаконски собири и напади врз службени лица.

За дел од осомничените судот определил забрана за приближување на помалку од 500 метри до објекти на јавните институции. Тие не смеат да престојуваат на плоштади и јавни простори каде што се одржуваат собири и демонстрации без претходно одобрение од судот.

Лицата за кои е определена мерка задолжително јавување ќе мора да се пријавуваат еднаш месечно, секој прв понеделник во месецот во 12 часот, кај надлежните органи во Тирана. Судот наредил веднаш да бидат ослободени лицата со поблаги мерки, доколку не се задржани по друга правна основа. Против одлуката е дозволена жалба во рок од пет дена од наредниот ден по известувањето.

Судската одлука следува по повеќечасовните судири меѓу демонстрантите и полицијата пред зградата на албанската Влада. Според „Албаниан пост“, по повеќе од четири часа конфронтации полицијата спровела широка акција за растерување на демонстрантите од булеварот „Дешморет е Комбит“. На терен биле распоредени и припадници на специјалната единица РЕНЕА, а во координацијата учествувал и генералниот директор на полицијата, Скендер Хита.

За време на судирите, молотов коктел погодил полициско оклопно возило опремено со воден топ. Пламенот го зафатил предниот дел и ветробранското стакло, но подоцна бил изгаснат. Оштетено било и друго полициско возило, а било пријавено и опожарување автомобил од марката „Волво“.

Пријавени се и повредени демонстранти. Според „Албаниан пост“, еден граѓанин изгубил свест откако, според првичните информации, бил удрен со полициска палка во главата во паркот во близина на Пирамидата. Подоцна било соопштено дека се освестил и е во стабилна состојба.

Друг демонстрант, според сведоци цитирани од медиумот, бил повреден во лицето од чаура од солзавец. Околностите и одговорноста за овие повреди засега не се официјално утврдени.

Судирите претходно започнале во близина на Министерството за образование, каде што демонстранти фрлале камења и други предмети, а полицијата употребила солзавец и, според медиумските извештаи, гумени куршуми. Дел од демонстрантите отстранувале метални огради и ги поставувале како барикади.

Истрагата за инцидентите продолжува. Сите 30 лица опфатени со судската одлука имаат статус на осомничени и се сметаат за невини додека евентуалната вина не биде утврдена со правосилна пресуда.

 

Back to top button
Close