Приведувања, солзавец и водени топови на седми ден од антивладините протести во Тирана
Во главниот град на Албанија, Тирана денеска, седми ден по ред, продолжија антивладините протести, а полицијата употреби солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите, кои фрлаа камења, петарди и молотови коктели.
Протестот почна во попладневните часови, додека демонстрантите маршираа од Канцеларијата на премиерот по булеварот „Маченици на нацијата“ кон плоштадот Скендербег.
Дел од демонстрантите фрлаа петарди, пиротехнички средства и молотови коктели, а полицијата употреби солзавец и водни топови за да ја растера толпата, која продолжи кон Министерството за внатрешни работи и плоштадот Скендербег.
Демонстрантите фрлаа камења, кршеа прозорци на зградата на Апелацискиот суд и запалија корпи за ѓубре на неколку раскрсници низ главниот град.
Поради немирите и судирите со полицијата приведени се повеќе демонстранти.
Протестите почнаа поради долгогодишни проблеми во образовниот систем, лошите услови за студирање, недоволните инвестиции, високите цени за изнајмување и недостатокот на студентски сместувачки капацитет како главни проблеми. Студентите најавија дека не се откажуваат од своите барања и дека ќе продолжат протестите.
На студентските протести во Албанија им се придружија и други граѓани, а исто така се проширија и барањата, а едно од нив е оставка од премиерот Еди Рама.






