Раководството на СДСМ повторно одработи за ВМРО-ДПМНЕ во Брвеница, велат од платформа „Разговори за иднината во 12:05“

Платформата „Разговори за иднината во 12:05“, преку писмено соопштение упати жестоки критики до актуелното раководство на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) поради лошиот резултат што партијата го постигна на вонредните локални избори за градоначалник на Брвеница, обвинувајќи дека тоа уште еднаш одработило во корист на ВМРО-ДПМНЕ.
Организаторите на платформата „Разговори за иднината во 12:05“ на неодамнешниот брифинг со новинарите / Фото: „360 степени“ (архива)
Кандидатот на СДСМ за градоначалник на општината, според неофицијалните резултати што ги објави Државната изборна комисија (ДИК) синоќа, освои 706 гласа и се позиционираше на четвртото место, зад кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, на коалицијата „Национална алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ, и на Влен.
На овој момент од платформата, што ја сочинуваат поранешни и актуелни функционери на СДСМ, се осврнуваат уште во насловот на соопштението – „СДСМ со Филипче се бетонира во петта партија во Скопје, четврта во Куманово и Брвеница!“.
Од платформата реагираат дека по скандалите со Ива Михаилова и Артан Груби (излегувањето од куќен притвор), кои, како што потсетуваат, се случија за време на предизборната кампања, раководството на СДСМ имало реална можност да направи пресверт, но наместо вистински да се бори на терен против власта, лидерот на партијата Венко Филипче секојдневно измислувал нови лаги.
„Срамно е што уште еднаш ја почести оваа крајно неспособна гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ. Сите останати се борат да победат само Филипче и фракцијата слават и кога губат. Четвртото место на СДСМ во Брвеница е директна одговорност на ова раководство на партијата“,
се вели во соопштението од, како што е наведено, организаторите на платформата „Разговори за иднината во 12:05“.
Според нив, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Брвеница, Јовица Радески, бил доведен пред свршен чин откако претходно неколку истакнати членови на партијата не прифатиле кандидатура. Тие, велат од платформата, не сакале „да дозволат во вториот круг некој зад нивен грб да им ги пазари гласовите“.
„Земајќи ги предвид сите околности, ја користиме оваа прилика да му честитаме на Радески за неговиот достоинствен настап во предизборната кампања“,
велат организаторите на платформата.
Оттаму посочуваат оти жалат што СДСМ во Брвеница има повеќе гласови само од двајцата независни кандидати, што, споед платформата, е уште една потврда во каква „агонија е партијата со ова дезориентирано раководство“.
Велат дека е големо понижување за историјата на партијата што актуелното раководство на СДСМ посочува оти нивниот кандидат освоил 225 гласа повеќе во споредба со локалните избори лани, а премолчува дека има 57 гласа помалку од гласовите што ги освои советничката листа на СДСМ во Брвеница пред една година.
Од платформата обвинуваат дека со вчерашниот прв круг од вонредните локални избори за градоначалник во Брвеница, се потврдило дека актуелното раководство на СДСМ одработува за власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Се потврди уште еднаш дека ова раководство на СДСМ е соизвршител во највалканиот политички дил во историјата. Венко Филипче е полномошникот кој единствено има овластување да го држи СДСМ во заложништво и така да му испорача на ВМРО-ДПМНЕ уште една победа на парламентарни избори во замена за слобода“,
велат од платформата.
Седиштето на СДСМ (Илустративна фотографија) / Фото: Архива
Оттаму упатуваат и три прашања до раководството на СДСМ, кои, како што велат, треба да бидат одгворени на следната седница на Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз.
Првото прашање се однесува на изборниот потенцијал на СДСМ, додека со второто јасно сугерираат дека во партијата се актуализира идејата за влез на социјалдемократите во Владата.
„Колку анкети направени за потребите на раководството на СДСМ покажуваат дека партијата во изборната единица 6 веќе не може да се надева на ниту еден пратенички мандат?
Кој и зошто повторно ја актуализира идејата за влез на ова раководство на СДСМ во Владата на Христијан Мицкоски?
Уште што треба да му се случи на СДСМ за тој и неговата фракција да разберат дека треба веднаш и без одлагање да ја напуштат ‘Бихаќка’?“,
прашуваат од платформата.
Оттаму порачуваат дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, уште еднаш треба да го прочита и, „без обиди за пазарење“ да го прифати нивниот плат за структурни реформи во партијата.
„Доколку уште не ги разбира пораките на гласачите, може да му ги објасни неговиот врховен политички авторитет“,
се вели на крајот од соопштението од организаторите на платформата „Разговори за иднината во 12:05“.
Инаку, според сто отсто обработени избирачки места, на вонредните локални избори за градоначалник во Брвеница кандидатот Стојанчо Радически од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, освои 2 943 гласа, втор е кандидатот на „Национална алијанса за интеграција“ предводена од ДУИ, Аркин Јахиј, со 2 152 гласа, трет е Јакуп Усеини од Влен со 1 528 освоени гласа, по кои следуваат Јовица Радески од коалицијата предводена од СДСМ со 706 и независните кандидати – Душан Богдановски со 55 и Арифе Идризи со 21 глас.
Кој ќе седне во градоначалничкото столче во Брвеница ќе се знае за две недели кога ќе се одржи вториот круг во кој влегуваат кандидатите на коалициите предводени од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Стојанчо Радически и Аркин Јакиј.
Изборите се одржуваат откако на 23 јуни 2026 година на 58-годишна возраст почина дотогашниот прв човек на Општината, Јовица Илиевски.






