СДСМ: Мицкоски крати пари за здравството додека не работат апарати, нема лекови и терапија – хаосот продолжува

СДСМ преку соопштение обвинува дека Владата предводена од Христијан Мицкоски со новиот ребаланс го намалува финансирањето на здравството, иако пациентите се соочуваат со нефункционални апарати, недостиг од лекови и долги листи на чекање за дијагностички прегледи.

Од партијата тврдат дека од капиталните инвестиции се кратат 100 милиони евра, а помалку средства се предвидуваат за болниците во Штип и Кичево, како и за ретките болести и инсулинот.

Како пример за состојбата во здравството, СДСМ наведува дека три недели во Клиничкиот центар не работел ниту еден компјутерски томограф. Дополнително, според партијата, ПЕТ-скенот, важен за онколошките пациенти, во изминатите две години често се расипувал и прекинувал со работа. По последното пуштање во употреба работел само неколку дена, по што повторно се расипал. Пациентите, како што посочуваат од СДСМ, чекале и до пет месеци за преглед.

Од партијата додаваат дека само минатата година биле дијагностицирани 1.000 нови пациенти со рак на дојка, а онколошките пациенти во повеќе наврати останувале без потребната терапија со месеци. Според СДСМ, доцнењето на дијагностиката и лекувањето може да има сериозни последици по здравјето и животот на пациентите.

СДСМ укажува и на недостиг од медицински персонал, ограничени капацитети за операции и неизвесна исправност на медицинската опрема. Оттаму велат дека граѓаните плаќаат здравствено осигурување, но сепак чекаат со месеци за основни здравствени услуги.

Во соопштението се посочува и случајот со труењето во Гостивар, за кое партијата тврди дека досега нема одговорност, ниту се објавени резултати од испитувањата на водата и извештаи за Гостивар и повеќе од 50 населени места.

СДСМ ја обвинува власта дека не обезбедува исправни медицински апарати, редовна терапија и навремени прегледи, оценувајќи дека станува збор за сериозен неуспех во заштитата на здравјето на граѓаните.

Од партијата бараат министерот за здравство, Сашо Клековски, да поднесе оставка, а одговорност за состојбите во здравствениот систем да понесат и премиерот Христијан Мицкоски и министерот.

Back to top button
Close