Студенти и ученици на протести во Грција, наставниците најавија национален штрајк

Студенти и ученици ќе излезат на протести денеска и утре во повеќе грчки градови, а во протестните активности ќе се вклучат и наставниците во средното образование, пренесуваат грчки медиуми.

Студентските организации попладнево ќе постават шаторски камп на плоштадот Синтагма, пред грчкиот парламент во Атина. Протестот е насочен против високите трошоци за живот и образование.

За утре, со почеток во 12 часот, младинската организација на Грчката комунистичка партија (ККЕ) најави протест на учениците во центарот на Атина, под слоганот „Од Грција до Франција се бориме за државно и бесплатно образование“.

Портпаролката на грчката полиција соопшти дека е изготвен план за ангажирање на полициските сили и дека нема загриженост оти групи од странство би можеле да пристигнат со цел да предизвикаат тензии.

Протести за утре се најавени и во Солун и Патра. Воедно, прогласен е и национален штрајк на наставниците во средното јавно образование.

Back to top button
Close