„Хипотетичко и фантастично сценарио“ – вели обвинителката за одбраната на судијата Ѓоко Ристов во предметот за парите во ѕид

Обвинителката Искра Хаџи-Василева по денешното рочиште во предметот против судијата Ѓоко Ристов изјави дека сведочењето на таткото на неговата сопруга нема доказна тежина за обвинението, додека вештачењето на пронајдените белешки отвора дополнителни прашања за доказниот материјал.

Хаџи-Василева го коментираше исказот на Ивица Зориќ, татко на сопругата на обвинетиот судија, кој пред судот сведочеше за семејниот договор за купување стан и за 70.000 евра што, според неговите тврдења, ги дал во готовина.

Тој не заслужува особен коментар, од проста причина што исказот се однесува на факти кои се целосно неспорни, не се ниту директен предмет на обвинението“, изјави обвинителката.

Според неа, сведочењето главно се однесувало на семејни околности, вклучително и на наследување имиња, поради што оцени дека нема доказна ниту правна релевантност за предметот.

Обвинителката се осврна и на исказот на вештото лице кое ги анализирало рачно испишаните белешки пронајдени меѓу доказните материјали поврзани со парите.

Таа посочи дека, според вештачењето, белешките биле испишани од Донка Ристова, мајката на обвинетиот судија Ѓоко Ристов.

„Материјалите, ливчиња кои се дел од доказната материја, се најдени како дел од парите и придружниот материјал кон парите, а се испишани од мајката на обвинетиот Ѓоко Ристов, односно Донка Ристова“, рече Хаџи-Василева

Back to top button
Close