Филипче за Платформата ЗНАМ 2.0: Тие се поврзани со власта,ниту ќе ја поделат СДСМ ниту мене ќе ме одвратат да се борам за Европска Македонија

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју на Алсат ТВ, посочи дека обидите за создавање поделби во СДСМ нема да успеат и дека зад активностите на дел од поранешните членови на партијата стојат политички интереси поврзани со власта.

Филипче потенцираше дека луѓето кои бараат промени во раководството имаа можност да учествуваат во партиските избори, но не ја искористија таа можност.

„Како тоа, тие бараат оставка од легитимно избрано раководство? Тие бараат да се оди раководството, јас да си одам, да се одат делегатите, па кој да дојде? И на кој начин? Како никој не чини во партијата, само тие се добри. 800 делегати не чинат? 120-130 луѓе од Централниот одбор не се добри, 20 кусур луѓе во Извршниот одбор не се добри, сите десетина во раководството не се добри, и јас лично. Имаа можност да се кандидираат, лани беа изборите. Зошто не се кандидираа за некоја од функцијите?“, рече Филипче.

Притоа, Филипче додаде дека изминатив период јасно се виде и намерата и поврзаноста на членовите на платформата со власта.

„Сите тие се поврзани со власта. Поврзани со луѓе од црните листи. Добиле тендери фирми блиски на нив за 1,6 милиони евра сега. Кој им ги дал? Власта им ги дала тие пари. И вие верувате дека имаат искрени намери? Како може да го крадат вниманието на јавноста и да прават дефокус дента кога доаѓа Фон дер Лајен тука кај нас и кога ги кажува најбруталните критики и отворено му кажува во лице на Христијан Мицкоски дека неговата политика е антиевропска. Па зарем тоа не е координирано“, рече Филипче.

Филипче нагласи дека овие обиди за дефокусирање нема да ја сменат насоката на СДСМ ниту ќе ја нарушат кохезијата на партијата, и нема да го одвлечат од борбата за иднината на државата.

„Нема да успеат да поделат СДСМ, ниту мене ќе ме одвратат од идејата и борбата за добра, праведна Македонија во Европа“, рече Филипче.

Back to top button
Close