Мерц: Уривањето на стариот светски поредок ги загрозува интересите на европските сили
Уривањето на стариот светски поредок ги загрозува интересите на средните сили во Европа, меѓу кои е и Германија, изјави денеска во Сингапур германскиот канцелар, Фридрих Мерц.

„Потребна е соработка меѓу Европа и Азија, а треба да ги поврземе европските и азиските трговски договори“, истакна Мерц.
Мерц од Сингапур ја започна четиридневната турнеја низ Азија, чија цел е зајакнување на билатералното стратешко партнерство. Во рамки на посетата се предвидени средби со претседателот Тарман Шанмугаратнам и премиерот Лоренс Вонг.
Германија и Сингапур имаат долгогодишна соработка во областа на одбраната, трговијата и истражувањата.
Во Сингапур работат околу 2.400 германски компании, што вработуваат околу 45 илјади лица, покажуваат податоците на германската Влада. Годишната билатерална трговска размена се проценува на 13,2 милијарди долари. Германија е најголемиот европски трговски партнер на Сингапур.
Во рамки на азиската турнеја, Мерц ќе ги посети и Јапонија и Јужна Кореја. Ова е негова трета посета на Азија откако ја презеде функцијата во пролетта минатата година.






