Се задолжил со милиони, па се обидел да ја однесе фирмата во стечај за да не ги плати долговите, вели Финансиската полиција која открива шема
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против две лица и едно правно лице поради сомневања дека преку фиктивни договори, милионски пенали и финансиски трансакции бил направен обид намерно да се предизвика стечај на фирма од Валандово, со цел да се избегне плаќање долгови кон доверителите.

Кривичната пријава е доставена до Основното јавно обвинителство Велес, а се однесува на А.К., сопственик и управител на правно лице од Валандово, на самото правно лице, како и на Ј.Т., управител на друго правно лице од Дојран. Тие се осомничени за кривичното дело „Намерно предизвикување стечај“, предвидено во член 254 од Кривичниот законик.
Според Финансиската полиција, во периодот од 2020 до 2023 година првопријавениот А.К. преземал дејствија со однапред утврдена намера да избегне плаќање обврски кон повеќе правни субјекти. Најголемиот дел од долговите биле кон странска компанија, во износ од 289.617.022 денари, односно околу 4,7 милиони евра, додека кон Управата за јавни приходи биле евидентирани обврски од 883.283 денари.
Финансиската полиција се сомнева дека целта била компанијата да се доведе во привидна финансиска немоќ, со што би се оневозможила наплатата на долговите.
За да создаде основа за оптоварување на имотот на фирмата, А.К., според пријавата, склучил договор за закуп со друго правно лице со кое исто така управувал.
Иако договорот не бил реално реализиран, ниту бил евидентиран во сметководството, по неговото еднострано раскинување во 2023 година биле пресметани пенали од 233.700.000 денари, односно околу 3,8 милиони евра.
Врз основа на овие пенали бил запишан товар врз имотот на друштвото, што дополнително ја отежнувало можноста доверителите да ги наплатат своите побарувања.
По приговор на доверителите, Основниот граѓански суд Скопје издал времена мерка со која било запрено извршувањето.
Според истрагата на Финансиската полиција, откако не успеал обидот за отуѓување на недвижниот имот, А.К. со помош на Ј.Т. презел дополнителни дејствија за предизвикување стечај.
Во таа фаза биле префрлени четири милиони денари по основ на позајмица. Средствата претходно биле примени од правно лице основано од сопругата на првопријавениот.
По овие трансакции бил поднесен предлог за отворање стечајна постапка против друштвото.
Финансиската полиција смета дека опишаните дејствија биле насочени кон намерно предизвикување стечај и избегнување на финансиските обврски, поради што е поднесена кривичната пријава.
Станува збор за основи на сомнение, а не за судски утврдена вина. За натамошното постапување ќе одлучува надлежното обвинителство.






