После револуцијата во Србија?
Денко Малески
Демократијата е уникатна форма на организација на власта во човечките заедници. Во политичката историја на човештвото секогаш досега владетелите им удирале клоца на поданиците , а во демократијата народот им удира клоца на владетелите, ќе напише Адлај Стивенсон. Самиот факт дека студентското движење успеа да му уди клоца на политичарот кој управуваше 14 години и во чии раце беше целата моќ, е сјаен преседан на Балканот чии народи се научени дека имаат исто толку влијание врз власта колку и врз времето. Воодушевен од упорноста на студентите да истрајат во својата борба за демократија останувајќи на улиците на Србија цели две години, знам дека испитот на демократијата не е само во тоа дали народот може да и удри клоца на една и да избере друга политичка гарнитура, туку дали власта на новите управувачи и самата ќе биде ставена под контрола.Зашто едно е смена на носителите на власта а друго е демократизација на структурата на моќ и совладување на отпорот кон промените кој ќе следи.

Гледајќи го синоќешниот пренос од победничката еуфорија на студентите и граѓаните ширум Србија и споделувајќи ја нивната огромна радост, се сетив на една книга на познатиот истражувач на демократијата, Роберт Дал од 1970, на чии корици е безмалку идентична слика на млади луѓе со развиорени знамиња некаде во Америка и налсов со прашалник на крајот:„После револуцијата?“(„After The Revolution?“). Прашалникот е она што во моментот ме преокупира зашто нема баш премногу време за славење. Се почна со барањето за отчетност, транспарентност и одговорност на виновниците за трагедијата на железничката станица во Нови Сад, кога несолидно изградена бетонска надстрешница се струполи врз главите на граѓните од кои 16 загинаа. Следеше студентскиот револт а слоганот кој почна да ги обединува граѓаните на Србија со студентите и нивните барања беше дека треба да се менува „системот“.Масовната поддршка за студентските барања произлезе од фактот дека граѓните и на своја кожа ги чувствуваа тие „системски дефекти“и беа спремни тоа јавно да го демонстрираат. Сега, после победата на изборите, доаѓаат новите предизвици. Зашто, новата власт, производ на народниот бунт, ќе го наследи стариот систем, поточно истите институции и горе-долу истите луѓе, против кои се крена. Ќе ги наследи и навиките на луѓето изразени во тенденцијата „системот“да ја концентрираат власта за лукративни лични цели. Значи, не е се готово со остварувањето на целите на студентското движење.
Новото е шансата „студентската“ власт, после „револуцијата“, преку својата влада, да предизвика демократски промени во насока на остварување на прокламираните цели пред „револуцијата“. Шанса за која самите се изборија во еден досега невиден отпор на семоќната српска власт.
Велат дека демократијата, во својата најдлабока суштина е состојба на умот на луѓето. Таа нова „состојба на умот“, дека мора да се менува системот а не само владеачките елити на власт, која студентите ја внесоа во општеството е трајна придобивка за демократска Србија. Демократската трансформацијата на српското општество, пак,ќе има позитивни ефекти и врз македонското општество. Зашто, слушајќи ги поплаките на студентите и на граѓаните на Србија за корупција, отсуство на правна држава, отсутво на отчетност, нетранспарентност,отсутво на европска перспектива, сиромаштија и поделби меѓу Србите на патриоти и предавници кои ги предизвика национализмот, како да слушам анкета меѓу македонските граѓани.
По некаква игра на судбината,не обединија и две трагедии. Онаа на железничката станица во Нови Сад каде што загинаа 16 луѓе и она во Кочани која што однесе 63 жртви. Но, тука завршува секаква сличност. Како што гледаме, реакциите на народите во двете држави се тотално различни: српскиот тргнаа кон демократизација а македонскиот кон национална хомогенизација. Зошто? Тоа е веќе друга тема. Едно можам да кажам самокритички за својата фела која ја следам во медиумите: се додека има вакви професори ниту една власт во Македонија не треба да се плаши за својата иднина.






