Санчез по железничката трагедија во Шпанија: Ако имало пропусти, ќе дознаеме


Шпанскиот премиер Педро Санчез најави темелна истрага за тешката железничка несреќа во близина на Урда, во покраината Толедо, во која загинаа најмалку 68 лица, а десетици беа повредени. Владата прогласи тридневна официјална жалост, а Санчез порача дека ќе се утврди дали имало човечка грешка или пропусти во системот, јави „Еуропа прес“.

„Ќе одиме до крај. Ако имало небрежност, тоа ќе се дознае. Ако имало пропусти во системот, ќе одговориме со целосна решителност“, изјави Санчез од кризниот штаб во Лос Јебенес.

Шпанскиот премиер нагласи дека во овој момент најважни се пронаоѓањето на преживеаните, грижата за повредените и поддршката за нивните семејства, но и утврдувањето на причините за несреќата.

„Не е прифатливо земја како Шпанија во иста година да доживее две вакви несреќи со брзи возови“, рече Санчез, потсетувајќи дека на почетокот на годината во судир на возови кај Адамуз загинаа 46 лица.

Во судирот кај Урда, во покраината Толедо, загинаа најмалку 68 лица, а десетици беа повредени. Меѓу загинатите е и поранешната шпанска министерка за труд, Фатима Бањез.

Шпанскиот министер за транспорт Оскар Пуенте претходно изјави дека контролниот центар му дозволил на еден од возовите да продолжи со движењето иако сигнализацијата покажувала црвено светло, а пругата била зафатена. Според досегашните информации, една од можните причини е човечка грешка, но конечните одговори треба да ги даде истрагата.

Back to top button
Close