Филипче: „Васко Ковачевски ќе го вратам за да одговара и да ги врати парите“

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, синоќа на состанок со сопартијците во Битола предизвикал изненадување кога им рекол дека ќе го врати Васко Ковачевски, избеганиот поранешен директор на државната ЕСМ, кој се бара со меѓународна потерница за малверзации со тендери.
Филипче неколкупати повторил дека негова цел била Ковачевски да одговара и да ги врати парите.
Лидерот на СДСМ, кој го помина вчерашниот ден во Битола како гостин на настан, подоцна во седиштето на општинската организација ги собрал на состанок битолските социјалдемократи. Тој говорел за состојбите во партијата и на самиот крај од излагањето, на изненадување на присутните го таргетирал Васко Ковачевски, своевремено висок партиски функционер на СДСМ и директор на ЕСМ. Ковачевски речиси две години е недостапен и се бара со меѓународна потерница во случајот „Адитив“ за злоупотреби во службата додека беше на чело на државата компанија „Електрани на Северна Македонија“.
Филипче, според изворите од СДСМ, на битолчани им рекол:
„Почитувани другари, едно да знаете – Васко Ковачевски ќе го вратам! Ќе одговара, за да ги врати парите.“
Филипче наводно сакал да каже дека ќе ја донесе правдата во Македонија, па продолжил во контекст дека знаел како е „договорено“ бегството на Васко Ковачевски и алудирал на договор со власта, но напоменал дека тој „имал начин“ како да го врати бегалецот.
„Верувајте, ќе го вратам, знам како, оставете на мене. Наши партиски другари се направија милионери“, рекол Филипче, дополнително изненадувајќи ги присутните.
Ова наводно било позитивно прифатено од членството на СДСМ во Битола, но според изворите, останало да виси прашањето за тоа каква била потребата на лидерот Филипче од ваков говор, кога нема избори ниту било какви новости поврзани со бегалецот Ковачевски.






