Стотици граѓани измамени со ветувања за брза заработка преку лажна инвестициска платформа, кривична пријава за жена од Битола и државјанин на Естонија
Стотици граѓани од Македонија биле финансиски измамени преку лажна интернет-платформа за инвестирање, на која им биле ветувани високи добивки. МВР поднесе кривична пријава против две лица, 56-годишна жена од Битола и 38-годишен државјанин на Естонија, поради сомнение за измама.

Според истрагата на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, од декември 2025 до април 2026 година, осомничените преку мобилна апликација и канал со неколку стотици претплатници ги поттикнувале граѓаните да вложуваат пари во лажна инвестициска платформа, ветувајќи им добивки што никогаш не биле исплатени.
До МВР пристигнале пет пријави од оштетени граѓани, но анализата на финансиските трансакции покажала дека бројот на измамени лица е многу поголем и дека станува збор за стотици граѓани, од кои повеќето не го пријавиле случајот.
По повеќемесечна истрага, во која биле вклучени домашни и странски институции, биле откриени идентитетите на осомничените. Полицијата извршила информативен разговор со првопријавената и одзела електронски уреди, чија форензичка анализа обезбедила докази за сомнителната комуникација и начинот на извршување на измамата. Преку меѓународна соработка биле обезбедени и податоци за сопственикот на криптопаричникот поврзан со трансакциите.
Од МВР предупредуваат на зголемениот број вакви измами и апелираат граѓаните да не веруваат во понуди за брза и лесна заработка преку интернет. Измамниците често користат социјални мрежи, лажни профили и телефонски повици, нудејќи вложувања во криптовалути со ветувања за високи и сигурни приноси.






