Трамп со навреди кон новинар на „Ројтерс“ по прашање за откажаните митинзи: „Одвратен си, болен си
Американскиот претседател Доналд Трамп ги откажа најавените предизборни митинзи во Канзас и Ајова, планирани за претстојниот викенд, во пресрет на конгресните избори на 3 ноември. Наместо лични настапи, ќе одржи телефонски предизборни собири, а одлуката отвори прашања за неговото здравје и заморот по интензивната кампања.

По враќањето од митингот во Јужна Каролина, Трамп остро реагираше на прашање од новинар на „Ројтерс“ дали се откажал од патувањето во Канзас затоа што му здодеало постојаното патување. Новинарот Џејкоб Богаж претходно го прашал како се чувствува по бројните патувања и каква е неговата здравствена состојба.
Трамп одговорил дека се чувствува одлично, но кога новинарот повторно го прашал за откажаниот митинг, претседателот му возвратил со навреди, нарекувајќи го болен и критикувајќи го неговиот изглед. Објаснил дека нема потреба лично да оди во Канзас бидејќи републиканскиот сенатор Роџер Маршал има добра поддршка, а најавил дека наместо тоа ќе одржи телефонски собир.
Откажани се митингот во Салина, Канзас, каде Маршал се бори за нов мандат, и настапот во Дабјук, Ајова. Републиканскиот национален комитет соопштил дека Трамп ќе учествува на телефонски предизборни собири во повеќе сојузни држави.
Од почетокот на октомври, Трамп одржал 25 митинзи во 19 сојузни држави, обидувајќи се да ја зголеми поддршката за републиканските кандидати. На изборите републиканците ќе се обидат да ја задржат контролата врз двата дома на американскиот Конгрес.
Во меѓувреме, здравствената состојба на 80-годишниот претседател е во фокусот на јавноста. Според пишувањето на „Волстрит џурнал“, неговиот личен лекар Шон Барбабела или некој од неговите колеги мора постојано да биде на оддалеченост од која може да стигне до Трамп за најмногу три минути.
Белата куќа претходно потврди дека Трамп има хронична венска инсуфициенција, состојба што може да предизвика отекување на глуждовите. Модринките на неговите раце беа објаснети со честото ракување и употребата на аспирин. Неговиот лекар во мај соопшти дека претседателот е во одлична здравствена состојба.






