(ВИДЕО) Јаневска изврши увид во „Стив Наумов“ – разговараше со студенти и заклучи дека е сè во ред


По обвинувањата од СДСМ за условите во неодамна реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје и снимките што ги објави платформата „Студентарија“ од проблеми со изолацијата и системот за парно греење, министерката за образование и наука денеска попладне беше во обиколка на студентскиот дом во населбата Автокоманда.

Момент од денешната обиколка на министерката за образование и наука Весна Јаневска на студентскиот дом „Стив Нуамов“ во Скопје / Фото: МИА
Таа во изјава за медиумите ги отфрли обвинувањата од опозициската партија, а за забелешките за техничките недостатоци кажа дека е можно да се појават некои проблеми, но нагласи дека објектот е под гаранција и сите евентуални дефекти ќе бидат отстранети.

„Дали може да се случи некаков инцидент? Да, може да се случи, домот е нов. И стан кога купуваат граѓаните, може да се случи нешто да не е како што треба. Домот е под гаранција, фирмата е позната, сè што треба да се поправи ќе се поправи и ние ќе се држиме до тоа. Но, дека се рушат ѕидовите, дека течат кровови или дека се случува нешто друго, не е точно, вие сами видовте“,

изјави Јаневска обраќајќи им се на медиумските екипи кои беа заедно со неа во домот, пренесе МИА.
На снимка што ја објави Сител може да се види дел од увидот на Јаневска во студентскиот дом. Таа, движејќи се по еден од ходниците, забележува дека плафоните не протекуваат, а потоа влегува во една од собите и ги прашува студентите дали имаат влага, глувци и бубашваби.

Еден од студентите се пожали дека за вечера често има кроасан и млеко, на што Јаневска се обрати до директорот на домот велејќи: „Директоре, слушате?“

Потоа таа заклучи дека не се распаѓа ништо, не тече ништо и го допре парното велејќи дека е топло.

На прашањето дали шушти парното, студентот и договара – „кај нас, не.“

Во дел од снимката таа разговара со студенти за време на ручекот во студентската менза. Ги прашува дали тече вода од плафонот, на што тие одговараат дека немаат таков проблем.

„Ако имате замерки, слободно кажувајте, ќе го решаваме проблемот“,

рече Јаневска.
На прашање од директорот студентите велат дека немаат проблем со парното кај нив.

Јаневска посочи дека домот е реконструиран од австриска компанија во соработка со Европската Унија и наведе дека за време на посетите на европските претставници работите на објектот биле високо оценети.

„Не само ние, туку и европретставниците потврдија дека ова е еден од најубавите и најмодерни (студентски) домови на Балканот, во споредба и со некои други земји пошироко“,

кажа Јаневска.
Во однос на обвинувањата на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), министерката за образование ја обвини партијата за лицемерство. Како аргумент за своите тврдења таа покажа паноа со фотографии од изгледот на домот за време на власта предводена од СДСМ.

„Еве како СДСМ во негово време се грижеше за студентите. Во овие услови живееја студенти во времето кога тие беа со студентите“,

рече министерката за образование и наука.

Министерката Јаневска покажува фотографии од претходната состојба на студентскиот дом / Фото: МИА
Таа упати апел од семејствата на студентите што живеат од „Стив Нуамов“ да не потпаѓаат под вознемирувачките обвинувања што ги шират политички партии и други злонамерници. Рече дека студентите живеат во добри услови во студентскиот дом и доколку има некакви проблеми тие ќе бидат поправени.

„Децата живеат во убави услови, кои досега ги немало во оваа земја, и ќе продолжат во исти такви услови да живеат. Доколку имаат каква било забелешка за живеењето во домот, ние тоа ќе го поправиме“,

рече Јаневска.
Таа најави дека набргу во употреба ќе биде пуштен и студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, во кој, како што истакна, условите ќе бидат на исто ниво како во „Стив Наумов“.

Инаку, платформата „Студентарија“ на својот профил на Инстаграм објави неколку видеа на кои може да се видат проблемите со кои, според нивните тврдења, се соочуваат студентите во „Стив Наумов“. Оттаму посочија дека освен едно видео, кое е снимено пред неколку дена, сите други се направени вчера во вечерните часови. На нив може да се вода што тече од плафон, неподнослива бучава од радијаторите за парно греење и вода што се разлева по под од соба.

Јаневска е оптимист дека ќе има договор со студентите за субвенционираниот оброк
Министерката за образование се осврна и на разговорите со студентите за субвеннционираниот студентски оброк и наведе дека очекува студентите да го прифатат договорот што се подготвува. Одговарајќи на новинарско прашање, таа кажа чека одговор од студентите и оцени дека решението ќе биде на задоволство и на студентите и на институциите.

„Ние сме посветени на младите и кога јас велам дека во нив ја гледам иднината на оваа земја, не е тоа флоскула. Тие препознаваат дека тоа јас искрено го мислам и искрено им го порачувам“,

кажа министерката.
Прашана за висината на студентскиот субвенциониран оброк, Јаневска упати на вчерашните изјави на премиерот.

„Вчера премиерот многу убаво објасни, сите ја пренесовте изјавата. Гледам дека беше актуелна, мислам дека веќе немаме никакви дилеми понатаму“,

изјави ресорната министерка.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера, одговарајќи на пратеничко прашање, информира дека предлогот што Владата им го презентирала на претставниците на студентските парламенти на сите универзитети е покачување на субвенционираниот студентски оброк од сегашните 3 500 на 4 500 денари месечно, можност за дополнителни попусти при купување храна и воведување посебна дигитална услуга преку апликацијата „м.Услуги“.

Во изјава за време на денешната посета на Општина Гази Баба, Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање рече дека очекува повратен одговор од студентите за предлогот за измена на моделот на субвенционираниот студентски оброк.

Back to top button
Close