Стојна од Куклица му го возврати ударот на државата
Во најдобрата држава во Европа студентите имаат 140 денари дневно за јадење, ама Владата сака да контролира како ги трошат парите. Не е проблем ако студентот е гладен. Проблем е ако не е под контрола.
Цела недела слушаме анализи за спектакуларната победа на Студентската листа на изборите во Србија и падот на Александар Вучиќ по двегодишната битка со која студентите ја победија и власта и опозицијата. Повод за почеток на битката беше паѓањето на настрешница на штотуку реновирана Железничка станица во Нови Сад при што загинаа 16 луѓе, меѓу кои и еден македонски научник.
Речиси истовремено кога српските студенти победија на изборите, во најново реновираниот студентски дом во центарот на Скопје експлодира бојлер, а Стојна од Куклици му го возврати ударот на државата и, иако апсена и тужена, продолжи да си наплаќа влез во споменикот на природата. Оти ѝ се може.
Србија и Македонија се двајца блиски соседи, ама два сосема различни света. И тоа не само затоа што Вучиќ изгуби во сопствената држава, а доби кај нас. Што е битно ако експлодирал болјлер во штотуку реновиран студентски дом, ако фирмата што го реновирала е блиска до партијата на власт? Што е битно дали се задоволни студентите, ако е задоволна фирмата што го добила тендерот?
Два дена откако Вучиќ ја изгуби битката со српските студенти, премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование Весна Јаневска ги примија македонските студенти во Владата. По две години барања да им се зголеми субвенционираниот оброк од 140 на 200 денари дневно, конечно дојдоа на ред и тие.
Студентите бараат повеќе пари за дневен оброк, а Мицкоски и Јаневска им понудиле електронски ваучери од 4.500 денари месечно. Значи, наместо зголемување на дневниот износ на 200 денари, добиле предлог за месечен износ, ама и апликација со која ќе се контролира дали парите ги трошат исклучиво за храна.
Во најдобрата држава во Европа студентите имаат 140 денари дневно за јадење, ама Владата сака да контролира како ги трошат парите. Не е проблем ако студентот е гладен. Проблем е ако не е под контрола.
3Во 2018 година, професорката Кристина Крамер од Универзитетот во Торонто, на научна конференција во МАНУ, објави дека „идиот“ и „морон“ се најкористените интернационализми во прислушуваните разговори од таканаречените „бомби“ што СДСМ ги објавуваше во 2015 како незаконски прислушувани разговори за време на владеењето на Никола Груевски.
Тогаш тие зборови ги слушавме во приватни разговори меѓу политичарите. Не беа јавни. Сега има напредок, па од прислушувани муабети стигнавме до директен пренос. За меѓусебно нарекување идиоти слушаме јавно, на прес-конференции и од собраниска говорница.
Откако лидерот на СДСМ Венко Филипче на прес-конференција праша: „Па може ли таков идиот да е човекот, комплетен?“, премиерот Мицкоски од собраниска говорница му одговори: „Замислете идиот да ве победува седум-осум пати на избори, тогаш треба да си ги го поставите прашањето кој е вистинскиот идиот“.
Не знам кој е идиот. Ама знам кој ги плаќа двајцата да расправаат кој е идиот. И ми е страв дека изгледа оти времето на идиоти и морони допрва доаѓа.
Поради стигматизација, медицината и психологијата уште во втората половина на 20 век ги напуштија термините „идиот“ и „морон“. А кај нас доживуваат политичка ренесанса.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК






