Заврши евакуацијата во украинскиот град Олешки

Операцијата за помош и евакуација во градот Олешки, окупиран од Русија,  на јужниот украински фронт, во која посредуваа САД, во најголем дел заврши, изјави денеска комесарката за човекови права на Русија, Јана Лантратова.

– Во моментов сме во Армјанск и го делиме конвојот – рече Лантратова во видеопорака на Телеграм. Дел од конвојот ќе го продолжи патот од полуостровот Крим, кој е анектиран од Русија, кон неокупираните области на Украина. Останатиот дел ќе замине за Русија.

Оние кои сакаа да го напуштат градот во херсонската област претходно се качија во специјално изнајмени автобуси. Двете страни соопштија дека во употреба биле 25 автобуси со повеќе од 750 седишта.

Лантратова рече дека помошта вклучувала храна, хигиенски производи и гориво за генератори за итни случаи, при што на жителите им биле предадени „неколку десетици тони“.

Украинскиот премиер Сергиј Корецки првично објави специфична бројка за луѓето кои сакаат да бидат евакуирани на територијата под контрола на владата за време на парламентарното сослушување во Киев. Сепак, тој ја повлече изјавата набрзо потоа, повикувајќи се на „чувствителноста на темата“.

Локалното примирје за Олешки и неговата околина важи од вторникот до недела, а корист има и регионалниот центар Херсон, кој се наоѓа на спротивниот брег на реката Дњепар. Целта е да се овозможи транспорт во и надвор од Олешки, кој претходно беше оневозможен од напади со дронови и мини.

– Сакам да истакнам дека ова е првпат од 2022 година примирјето да се одржи по должината на толку голем дел од фронтот – изјави претходно денеска украинскиот комесар за човекови права Дмитро Лубинец на заедничката прес-конференција со Лантратова во Армјанск, во северниот дел на Крим.

Двајцата комесари изјавија дека новинари од Украина, Русија и САД го следат процесот.

Лубинец изрази надеж дека вакви хуманитарни операции би можеле да се спроведат и на други делови од фронтот. Тој посебно ѝ се заблагодари на англиски јазик на првата дама на САД, Меланија Трамп, за нејзиното посредништво во примирјето.

Руските трупи го окупираа Олешки веднаш по почетокот на војната во февруари 2022 година, кога градот имаше околу 24.000 жители. Тој е фронтовска населба откако руските сили се повлекоа од регионалниот центар Херсон во ноември 2022 година.

Американската влада веќе извесно време го притиска пред сè Киев да направи компромиси за мировен договор со Русија.

Операцијата за помош се случи неколку дена пред клучните избори на средината на мандатот во САД.

Лантратова и нејзиниот украински колега Дмитро Лубинец апелираа до првата дама Меланија Трамп, која помогна во посредништвото за примирјето, да продолжи да им помага на луѓето во неволја за време на војната.

Тие им изјавија на новинарите дека е можно иницијативите како спасувањето на луѓето од фронтовскиот град Олешки и испораката на хуманитарна помош да се повторат.

Лантратова и Лубинец вечерта беа видени и со спасените деца по нивното пристигнување на Крим.

Руската претставничка ѝ се заблагодари на Меланија Трамп за посредништвото во примирјето и за организацијата на процесот. Таа рече дека немало инциденти ниту пречки.

– Дури и на оние кои не се регистрирале и одлучиле во последен момент, им беше дадена можност да заминат – рече таа. Омбудсманите од Русија и Украина заеднички го следеа целиот процес. Исто така имало и посебно организиран транспорт за домашните миленици.

Предвидено е примирјето да трае заклучно со недела. Потоа, воздушните напади и артилерискиот оган веројатно ќе продолжат со исто темпо – бидејќи нема значаен напредок во меѓународните напори за ставање крај на војната.

Back to top button
Close