По ескалацијата на спорот за полскиот Уставен суд, претседателот Навроцки повикува на „воспоставување на владеењето на правото“

Полскиот конзервативен претседател Карол Навроцки рано денеска изјави дека долготрајниот спор со владата на Доналд Туск околу Уставниот суд претставува закана за внатрешната безбедност на земјата, откако во текот на ноќта тој ескалираше во конфликт, јави ДПА.
Обраќајќи им се на демонстрантите пред зградата на судот, која беше опколена од безбедносните сили, откако претходно во текот на ноќта насилно влезе во неа, Навроцки повика на итни консултации со сите партии застапени во парламентот, со цел „да се стабилизира политичката ситуација и да се врати уставниот поредок“.

Претседателот побара „воспоставување на владеењето на правото и повлекување на безбедносните сили од просториите на судот, кои претходно беа распоредени од владата “.
Демонстрантите уште од синоќа се собираа пред судот во Варшава, обвинувајќи ја левоцентристичката влада на премиерот Туск за поткопување на Уставот и судството во земјата, откако ги суспендира претседателот на судот и неговиот заменик.
Според соопштението објавено на интернет-страницата на судот, претседателот на судот Богдан Швјенчковски, кој беше назначен од опозициската десничарска популистичка партија „Право и правда“ (PiS), која владееше со Полска до 2023 година, привремено ќе биде заменет од Ана Корвин-Пјотровска. Таа, пак, е една од петте судии што неодамна беа назначени од актуелниот парламент, но чие назначување беше отфрлено од Навроцки.
Поради ескалацијата на спорот, Навроцки го откажа планираното патување во Сенегал и синоќа се врати во главниот град.
На едно видео се гледа како полскиот претседател, инаку поранешен боксер- аматер, употребува сила за да влезе во зградата на судот по неговото пристигнување.
Зад хаосот се крие жесток спор околу Уставниот суд помеѓу двата најголеми политички табори во Полска.
Партијата „Право и правда“ (PiS), која владееше со земјата од 2015 до 2023 година, го пополни судот со судии што ѝ се политички блиски. Европскиот суд на правдата тогаш пресуди дека овој суд не може да се смета за независен и непристрасен, поради сериозни недостатоци при именувањето на неговите судии, како и на тогашниот претседател на судот.
Откако коалицијата на левиот центар, предводена од Туск, ја презеде власта по парламентарните избори во 2023 година, најави дека ќе ги поништи контроверзните правосудни реформи спроведени од владата на PiS, појаснува ДПА.

По краткото обраќање на претседателот Навроцки пред демонстрантите, претседателот на судот, Швјенчковски, изјави дека Уставниот суд е составен од „законски именувани судии, а не од узурпатори кои влегле преку задната врата, придружувани од владини безбедносни сили“.
Тој ги опиша синоќешните настани како „државен удар“ и „напад врз уставна државна институција“.
Од друга страна, министерот за правда, Валдемар Журек, го окарактеризира насилното влегување на Навроцки во зградата на Уставниот суд како вознемирувачко однесување.

„Недозволиво е некој што ужива претседателски имунитет да се однесува на ваков начин“, изјави Журек за телевизијата TVN 24.
„Според мене, ова е скандалозно однесување, искористување на ситуацијата за дополнително разгорување на емоциите на улиците, рече министерот Журек, пренесува ДПА.






