Германија: Дали протестите на младите ќе ескалираат како во Франција?

Германските политичари стравуваат дека денеска (31 октомври, 2026 година) на бројни места во земјата би можело да дојде до слични жестоки младински протести какви што неодамна избувнаа во Франција. Иницијативата „Gen-Z regelt“ („Генерацијата-З решава“) преку интернет повика на протести во вкупно 23 града.

Поимот „Генерација-З“ (Ген-З), во поширока смисла, ја означува генерацијата тинејџери и млади возрасни лица родени меѓу 1995 и 2010 година. Тие често им замеруваат на своите родители дека прават премалку во борбата против климатските промени и дозволуваат јазот меѓу богатите и сиромашните постојано да се продлабочува. Истовремено, тие се загрижени за своите образовни можности и перспективите за иднината во западните општества кои сè повеќе стареат.

Германските политичари предупредуваат

Во Франција неодамна, на маргините на протестите кои во основа беа мирни, дојде до сериозни немири. На многу места беа запалени автомобили, а во Лимож беше запалена градската управа. Во градови како Лил, Лион и Тулуз полицијата употреби солзавец, а голем број луѓе беа уапсени.

Бројни политичари предупредуваат на можноста од слични настани во Германија во текот на денешниот ден, особено претставници на конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ), партијата на германскиот канцелар Фридрих Мерц.

Александер Тром (ЦДУ), експерт за внатрешна политика во пратеничката група во Бундестагот на Унијата, која ја сочинуваат ЦДУ и нејзината баварска сестринска партија Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), изјави за деловниот весник „Ханделсблат“: „Мора по секоја цена да спречиме сцени какви што видовме во Франција.“

Страв од меѓународно поврзани левичарски екстремисти

Според проценката на Тром, левичарски екстремистички групи и криминалци од мигрантските средини би можеле да ја „преземат контролата“ врз протестите. „Тука се создава опасен сојуз, особено во Берлин“, предупреди тој.

И Марк Хенрихман (ЦДУ), претседател на парламентарниот одбор на Бундестагот задолжен за надзор на разузнавачките служби, изнесе слично предупредување: „Мрежата на левичарската екстремистичка сцена е меѓународна и координирана.“

Левичарските екстремисти склони кон насилство денес преминуваат и државни граници за на други места да ограбуваат и да извршуваат насилни кривични дела, изјави тој за „Ханделсблат“.

Учецници на протест се обидуваат да се заштитат или да побегнат од јакиот млаз вода од воден топ
Стравот од насилство – како во Париз минатиот викенд (на фотографијата) – сега постои и во ГерманијаФотографија: Dylan Martinez/REUTERS

Себастијан Кос, социолог од Универзитетот во Констанц, кој ги истражува младите и протестните движења во Германија, за ДВ изјави дека не верува дека во Германија може да дојде до немири слични на оние во Франција, иако настаните во соседната земја придонеле за најавата на протестите во Германија.

 

„Трпението ни е при крај“

Кос забележува важни разлики меѓу младите во двете земји. „Овде протестите не се поттикнати од исто ниво на гнев како во Франција. Тие се подготвени, пријавени и организирани. На интернет-страницата особено силно се нагласува повикот на мирни протести“, објаснува социологот.

Сепак, тој не ја исклучува можноста екстремистички групи да ги искористат уредно пријавените протести за предизвикување немири. „Полицијата и надлежните служби мора многу добро да се подготват“, предупредува тој.

Квентин Гертнер има 19 години, студира биотехнологија во Хајделберг, а до ноември минатата година беше генерален секретар на Сојузната ученичка конференција, организација која ги застапува интересите на околу 7,5 милиони ученици во Германија. „Она што ни е заедничко на сите е дека, кога станува збор за образовниот систем, трпението ни е при крај. Многумина се исклучително фрустрирани“, изјави тој за ДВ. „Успехот на германските ученици е сè послаб, а бројот на наставници постојано се намалува. Покрај тоа, училишните згради често со години воопшто не се обновуваат.“

Квентин Гертнер, генерален секретар на Сојузната ученичка конференција стои на улица со скрстени дланки
Квентин Гертнер, генерален секретар на Сојузната ученичка конференција: „Трпението ни е пред крај“Фотографија: Christian Thiele/dpa/picture alliance

Зелените ги разбираат причините за протестите

Според Гертнер, тоа е поврзано со општиот проблем на парламентарната демократија во Германија и во многу други западни земји. „Политичарите сакаат да победуваат на избори. Затоа размислуваат за групите што им се важни, а помалку за иднината и одржливоста на сопствената политика. Во нашето општество кое старее, важна избирачка група се постарите луѓе и припадниците на таканаречената бејби-бум генерација“, објаснува тој.

И опозициските партии во Германија ја препознаваат загриженоста на помладата генерација. Претседателот на Партијата на Зелените, Феликс Банашак, за јавниот сервис ЗДФ изјави: „Меѓугенерацискиот општествен договор повеќе не функционира. Постарите генерации ја доведоа климатската политика до ѕид.“

Според него, и социјалните системи ги достигнуваат своите граници, а кириите станале недостапни за многумина. Единственото со кое државата им се обраќа на младите се писмата што им ги испраќа на осумнаесетгодишниците во врска со новата воена служба, заклучи Банашак.

До петокот претпладне (30.10.2026), преку интернет-страницата на иницијативата „Ген-З решава“, околу 160.000 луѓе се пријавиле за учество на протестите најавени за денеска со почеток во 14 часот.

 

Back to top button
Close