Нема нешто за ништо во меѓународната политика

Денко Малески

Нашето најголемо дипломатско остварување во битката за меѓународно признавање на Македонија беше правното мислење на Арбитражната комисија на Конференцијата за мир во Југославија, предводена од претседателот на уставниот суд на Франција, Робер Бадинтер, дека само Македонија и Словенија ги исполнуваат условите за признавање. Овој факт, горе-долу, е општо познат. Она што не е познато, заклучив подготвувајќи уште еден текст за серијалот „Сеќавања…“кој го објавувам изминативе месеци во „Фокус“, е политичкиот процес низ кој минавме и цената која ја плативме за да добиеме токму такво мислење.

Цената беше, ќе се изненадите, промена на Уставот. Тој декември 1991, лорд Карингтон, претседателот на Конференцијата за Југославија, допатува во Скопје на средба со претседателот Глигоров во рамките на подготовките за отпочнувањето на процесот на меѓународно признавање на поарнешните југословенски републики за независни држави. Очигледно во договор со Бадинтер, Карингтон дојде однапред да ни ја соопшти одлуката на Арбитражната комисија која веројатно ќе беше негативна заради членот 49 од нашиот устав кој зборува за нашата грижа за Македонсците надвор од границите на идната суверена држава. Сакајќи да ни помогне како на најконструктивниот фактор на Конференцијата врз чија идеја, за сојуз на суверени држави, тој го изгради финалниот документ на ЕЗ, но свесен дека ги крши правилата, Карингтон, вознемирено ме праша повеќе пати дали се снима во собраниската просторија. Одговорив негативно. Потоа Карингтон ја презентира идејата да пристапиме кон промена на уставот. Претседателот Глигоров првично се спротистави да менуваме устав донесен пред само четри недели. Но, тогаш се соочивме со голема неизвесност за финалното мислење на Арбитражата. Карингтон, свесен за големото влијание на Грција како членка на ЕЗ со право на вето, не можеше да гарантира дека уставните судии, членови на Арбитражата, ќе донесат одлука позитивна за Македонија. Кога го прашав дали со промената на уставот можеме да очекуваме позитивен исход, тој потврди.

Потоа, на наша иницијатива, пристапивме кон разгледување на опцијата да не се исфрла членот 49 туку да се додаде алинеја во кој ќе запишеме дека грижата за Македонците надвор од границите нема да значи мешање во внатрешните работи на други земји и дека нема да користиме непријателска пропаганда кон тие земји. Практично, ги препишав двата услови од европските документи и ги додадевме во форма на амандмани на уставот на Македонија, и тука на преговарачката маса ги формулиравме на ливче хартија .

Дали можевме да бидеме апсолутно сигурни дека усната гаранција на лорд Карингтон ќе биде доволна за позитивно мислење? Претседателот Глигоров, искусен политичар, беше скептик. Јас, професор, му верував на зборот на нашиот пријател Питер Карингтон. Од ова временска дистанца и со овој памет и јас би бил скептик. Ама избор немавме. Секоја одлука во тоа време беше „да се биде ли не“. За среќа на државата, Карингтон и Бадинтер останаа на зборот. Не испадна се како што сакавме бидејќи, како и секогаш, политиката надвладеа над правото, но одлуката на Арбитражната комисија ја тргна браната и почнаа да стигаат признавања на македонската независност од сите страни на светот.

Со овој кус текст сакам да го разбијам митот дека правната процедура, пополнувањето на „Прашалникот“ од Арбитражната комисија и собирањето на документација во прилог на одговорите кои ги формулирав е се што требало за да добиеме позитивно мислење. Не, правниот беше лесниот дел од работата. Тешкиот беше политичкиот: да разбереме и да прифатиме дека нема нешто за ништо во меѓународната политика.

Back to top button
Close