Платформата „Разговори за иднината 12:05“ бара оставки од Славески и од Димитриеска-Кочоска во врска со случувањата во Алта банка

Претставниците на платфромата „Разговори за иднината 12:05“ бараат оставки од гувернерот на Народната банка, Трајко Славески и од министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска по последните случувања со Алта банка Битола и воведувањето привремена администрација во банката.
Оценуваат дека случувањата претставуваат сериозен удар врз довербата во банкарскиот систем и предупредуваат на можност од поширока финансиска нестабилност. Влезот на Алта банка на македонскиот пазар, според платформата, уште од почетокот бил проследен со политички влијанија и недоволна транспарентност. Посочуваат на наводна директна интервенција на Министерството за финансии и Владата во процесот на преземање на битолската банка од страна на српската Алта банка, како и на недоволната супервизија од Народната банка.
Дополнително загрижувачки, според нив, е тоа што и покрај податоците кои укажуваат дека Алта банка Битола заклучно со септември годинава има загуба од 791 илјада евра, институции не постапиле адекватно согласно овие ризици и дозволиле во македонскиот банкарски систем да влијаат политички околности од соседна земја.
Народната банка воведува привремена администрација во Алта банка Битола до промената на нејзината сопственост
Реакцијата на Народната банка ја оценија за задоцнета, конфузна и нејасна и повикаа да се преземат итни и јасни одлуки за враќање на довербата кај граѓаните и смирување на паниката и загриженоста. Едно од главните барања е ревидирање на одлуката согласно која граѓаните може да повлечат само 10 000 денари неделно, во услови кога, како што велат, од нив се бара да продолжат со плаќање на обврските кон банката.
„Без одлагање да се оцени способноста за работење на осигурителното друштво Алта Осигурување со цел да се превенира потенцијално загрозување на исплатата на штети. Најважни се мерките за поддршка на граѓаните и компаниите, особено во Пелагонискиот Регион. На Македонија не смее да и се случи нов ТАТ или Еуростандард“,
велат од платформата „Разговори за иднината 12:05“.
За надминување состојбата, предлагаат гувернерот Трајко Славески да ја депонира својата оставка до парламентот, а таа да стапи во сила откако Народната банка ќе ги донесе сите неопходни одлуки за обезбедување на средствата на граѓаните и стопанство заглавени на сметки во Алта Банка Битола. Бараат и оставка на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во знак на политичка одговорност за сите одлуки во врска со Алта банка.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, пак, ја повикаа да свика вонредна седница на Советот за безбедност на која ќе покани претставници на Народната банка и надлежните финансиски и регулаторни институции, за да се разгледаат околностите под кои бил овозможен влез на, како што велат, сомнителен капитал во македонскиот банкарски сектор и да се утврдат мерки за заштита на граѓаните и стопанството.






