По историскиот одзив на арапските гласачи, Џабарен најави поддршка за опозицијата за спречување нова влада на Нетанјаху


Израел се наоѓа пред историска можност да го промени политичкиот курс – изјави денеска лидерот на арапската коалиција „Заедничка листа“, Јусеф Џабарен, потврдувајќи дека неговата партија е подготвена да го поддржи опозицискиот блок „Промена“ за смена на премиерот Бенјамин Нетанјаху од власт.

Тој посочи дека коалицијата ќе даде поддршка за да се стави крај на власта на Нетанјаху и неговата крајно десничарска коалиција, но нагласи дека нема намера директно да биде дел од новата влада, пренесува „Гардијан“.

Џабарен наведе дека главното барање на палестинските гласачи со израелско државјанство, кои сочинуваат околу 20 проценти од населението, е заминување на владата на Нетанјаху, а особено на министерот за национална безбедност Итамар Бен Гвир и на министерот за финансии Безалел Смотрич.

На изборите, излезноста на израелските Арапи е повеќе од двојно зголемена и достигна околу 80 проценти, при што арапските партии освоија рекордни 19 пратенички места во парламентот со вкупно 120 места. Коалицијата на Нетанјаху освои 53 мандати и го загуби мнозинството, додека опозицискиот блок, предводен од пензионираниот генерал Гади Ајзенкот, освои 48 пратенички места.

Џабарен изјави дека „Заедничката листа“ би можела да ја поддржи опозицијата од позиција надвор од владата, со цел да ѝ помогне да ја преземе контролата врз израелскиот парламент и да го смени Нетанјаху. Меѓу првите чекори, како што наведе, треба да бидат изборот на нов претседател на Кнесетот и преиспитувањето на законите што, според неговата оцена, ја загрозуваат независноста на правосудството.

Сепак, формирањето нова влада нема да биде едноставно, бидејќи опозициските партии треба да се договорат за кандидат за премиер и за евентуалната соработка со арапските партии, наведува весникот. Ајзенкот како услови за таква соработка ги наведе признавањето на Израел како еврејска држава, прифаќањето на задолжителната национална служба (цивилна или воена), како и осудата на Хамас како терористичка организација.

Џабарен истакна дека неговата коалиција не може да биде дел од владата сè додека трае израелската окупација на палестинските територии, но дека е подготвена да ја поддржи промената на власта од парламентарните клупи. Меѓу барањата на коалицијата се и обезбедување порамноправна положба на арапската заедница во Израел, завршување на војната и обновување на преговорите со палестинското раководство.

Тој изрази загриженост дека Нетанјаху би можел да се обиде да ја одложи промената на власта со започнување нова војна против Иран, предупредувајќи ја опозицијата дека мора јасно да се спротивстави на таквиот потег.

Back to top button
Close