Ал Араби Ал Џадид“: САД го одобрија нацрт-договорот со Иран предложен од Катар

Соединетите Американски Држави го одобрија нацрт-меморандумот за разбирање што катарските посредници му го претставија на Иран, објави катарскиот весник „Ал Араби Ал Џадид“, повикувајќи се на извори запознаени со процесот.
Посредничкиот тим од Катар веќе ги информираше Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати за меморандумот, кои исто така го дадоа своето одобрение. Според изворите, Вашингтон и Техеран направиле заемни отстапки во врска со иранската нуклеарна програма и замрзнатите ирански финансиски средства.
– Техеран ќе објави отстапка во врска со својата нуклеарна програма, а за возврат Вашингтон ќе објави ослободување на дел од замрзнатите ирански средства, наведуваат изворите, истакнувајќи дека двете објави ќе бидат направени истовремено.
Во моментов во тек се разговори за модалитетите за симултано објавување на договорот, вклучително и за почетните чекори и усвојувањето привремен договор што би го отворил патот за продолжување на преговорите.
Тензиите на Блискиот Исток остануваат високи откако САД и Израел на 28 февруари започнаа напади врз Иран, на што Техеран возврати со напади врз израелски и американски цели во регионот, пред да биде постигнат привремен прекин на огнот во април. Иако Вашингтон и Техеран на 18 јуни потпишаа меморандум за разбирање за слободата на пловидба низ Ормуска Теснина, неговата примена остана блокирана поради несогласувањата околу безбедносните гаранции во теснината.






