(ВИДЕО) Како фирма на унгарски олигарх стана дел од конзорциумот што ќе го гради автопатот Букојчани-Кичево
Станува збор за компанијата „Дуна асфалт“, во сопственост на Ласло Сиј, чиј бизнис-подем е поврзан со периодот кога на власт во Унгарија беше Виктор Орбан. Новата унгарска влада поднесе пријава за државното финансирање на еден од големите проекти на „Дуна асфалт“, а фирмата реши предвреме да ја отплати обврзницата.

На прашањето како го коментираат тоа што во Унгарија е иницирана постапка за финансирањето на проект на „Дуна асфалт“, од македонското Јавно претпријатие за државни патишта велат дека постапката за избор на изведувач на автопатот Букојчани-Кичево почнала во јануари 2025 г. Во Унгарија власта се смени по изборите во април 2026 г.Ова се најнови фотографии од експремиерот Никола Груевски направени во ресторан во Будимпешта. Груевски, кој сè уште e мета на папараци, се најде во објава на поранешниот унгарски пратеник и антикорупциски активист, Акош Хадхази, кој вели дека фотографиите се на негов сонародник. Фејсбук-постот од 22 октомври е вирален. Во него, покрај повиците Унгарија да расчисти со азилантите, авторот отвора и друг аспект:
„Олигархот на Орбан, Ласло Сиј, е сè уште на слобода, а патем, моментално гради автопат во Северна Македонија“,напиша Хадхази.
Споменатиот проект е и деби на Ласло Сиј во земјава.
Беше продолжен викенд кога на 12 октомври, владина делегација од различни ешалони, предводена од премиерот, а придружувана од евроамасадорот и претставници на Европската банка за обнова и развој, го означи почетокот на изградбата на автопатската делница Букојчани – Кичево во должина од 11,5 километри. Тоа се и последните километри на кои нема или не е почната изградба на автопат од Скопје до Охрид.
Предвидени се по две сообраќајни ленти и една лента за застанување во двете насоки, пет моста, две клучки, два виадукта, тунел и придружни елементи.
„Сето ова значи една исклучително тешка работа и задача којашто ќе ја имаат изведувачите коишто ќе добијат целосна поддршка од Владата, од Министерството за транспорт, од Јавното претпријатие за државни патишта“кажа тогаш министерот за транспорт Александар Николоски.
Изградбата е доверена на конзорциум од романската подружница на австриската компанија „Штрабак“ и унгарската компанија „Дуна Асфалт“. „Штрабаг“ е присутен во земјава долги години. За „Дуна Асфалт“ ова е прв проект во Македонија. Нејзин сопственик е Ласло Сиј, споменат во фејсбук-објавата на доскорашниот унгарски пратеник.
„Ласло Сиј е еден од унгарските олигарси, можеби втор или трет по големина олигарх во Унгарија. Тој поседува огромно богатство, а до тоа богатство дојде така што добиваше државни, јавни набавки. За жал, мора да се знае дека повеќето јавни набавки во Унгарија беа изманипулирани. Значи, Ласло Сиј за своето богатство може да му се заблагодари на Орбан“вели Хадхази во изјава за „360 степени“.
Унгарските медиуми неретко ја информираат тамошната јавност за активностите на Ласло Сиј, особено по вртоглавиот раст на компании поврзани со него и со државни и општински тендери што ги добивале за време на владеењето на Виктор Орбан. Меѓу тие компании е и „Дуна Асфалт“. А Сиј успеал освен од Унагарија, да добие средства како субвенции и од Европската Унија.
Сиј моментално е петти на листата на „Форбс“ на најбогати Унгарци. На прво место е негов бизнис-партнер, Леринц Месарош.
Унгарскиот медиум „Атлатсо“ откри две луксузни јахти во сопственост на Сиј, преку малтешка офшор компанија. На една од нив, беше овековечено дружење меѓу него, други бизнисмени и претставници на унгарската влада. Засебно, во 2020-та, на истата јахта е „уловен“ и министерот за надворешни работи на Унгарија во владата на Орбан, Петер Сијарто.
Според „Атлатсо“, „елитата на режимот“ поседува и авион наречен „Ферари на небото“ кој го користел и Орбан. Патиштата на луксузната јахта и приватниот авион се вкрстувале во повеќе наврати.
Унгарија од април има нова власт предводена од Петер Маѓар. Летово тамошното Министерство за економија соопшти дека поднело кривична пријава против непознат сторител поради финансиски трансакции на „Ексимбанка“, меѓу кои и за финансирањето на проект на „Дуна Асфалт“ во Африка со обврзници. Наместо управниот одбор на банката, одлуката ја одобрило Министерството за економија – во својство на носител на сопственичките права на „Ексимбанка“.
Веднаш по пријавата, „Дуна Асфалт“ започна доброволен откуп на обврзниците, за како што беше соопштено, да го отстрани ризикот за унгарската држава.
„Вчера, нови јавни пари во износ од над 100 милијарди форинти се вратија во буџетот, а со тоа и кај унгарскиот народ. „Дуна Асфалт“, поврзана со деловниот партнер на Леринц Месарош, олигархот Ласло Сиј, објави, не долго по пријавата од Министерството за економија и енергетика, дека ќе им врати 400 милиони долари, односно повеќе од 100 милијарди форинти, на државните банки“кажа Маѓар.
Новата влада на Маѓар, преговара за дел од проектите кои „Дуна Асфалт“ ги добила за време на владеењето на Орбан. Други проекти, како на пример договорот за концесија на автопат во вредност од 63 милиони евра со корзоциум предводен од Месарош и Сиј е прекинат.
…





