Во Торино утре нов протест против високите цени и вооружувањето

За утре во италијанскиот град Торино е закажан нов протест против високите трошоци за живот, војната и повторното вооружување, јавија локалните медиуми.
Собирот, на кој ќе се протестира и поради високите кирии, како и намалувањето на буџетот за образование и здравство, ќе почне во 15 часот на плоштадот „Пјаца Кастело“. Овој настан беше најавен денеска за време на собирот на граѓани во кампусот „Луиџи Еинауди“, кој е под окупација од 26 октомври, а на кој присуствуваа студенти, претставници на синдикатите и различни колективи.
Организаторите истовремено најавија нови активности во наредните недели, со цел продолжување на протестот. Како што е соопштено, учесниците на протестот ќе минат низ главните улици на Торино, сè до плоштадот „Пјаца Криспи“, каде што собирот ќе заврши. Протестот е пријавен во полициската управа, а ќе се одржи истовремено со слични активности во Џенова, Фиренца, Болоња, Удине и Лече.
Учество најавија претставници на повеќе студентски здруженија, а меѓу организаторите е и мрежата „Торино на плоштадите“ чија цел е координација на различните организации вклучени во протестите. Се очекува протестот да се прошири и на други универзитетски згради во Торино, вклучувајќи ја и „Палацо Нуово“, откако претходните недели беа окупирани и други високообразовни установи, наведува АНСА.
Почетокот на масовниот бран протести во Торино се случи во првите денови од октомври, кога средношколците почнаа да блокираат и окупираат училишта ширум градот, барајќи подобра инфраструктура и услови за образование, а во средината на месецот се одржа и првиот голем координиран марш на илјадници студенти и професори, кога дојде до сериозни судири со полицијата на плоштадот „Кастело“. Масовни протести против високите трошоци за живот и вооружувањето во градот беа организирани и на 24 октомври, кога повторно дојде до жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата.






