Украинско разузнавање: Русија го користи новиот сателитски систем „Расвет“ за воени напади над Украина


Русија веќе ја користи својата нова сателитска мрежа „Расвет“, претставена како домашна верзија на системот „Старлинк“ за воени комуникации над Украина, со цел да ја зголеми прецизноста на своите јуришни беспилотни летала и нивната отпорност на електронско попречување, изјавија денеска за Ројтерс извори од украинската воена разузнавачка служба, пренесува Бета.

„Русија го користи сателитскиот систем ʼРасветʻ над територијата на Украина за воени цели“, изјави и официјално портпаролот на Главната управа за разузнавање при Министерството за одбрана на Украина (ГУР), Андриј Јусов.

Според податоците на ГУР, Русија во текот на оваа година лансирала во орбитата 32 сателита од системот „Расвет“, распределени во две групи – во март и во јули. Руската влада минатиот месец исто така соопшти дека лансирала повеќе од 30 сателити.

Москва планира дополнителни лансирања на сателити од системот „Расвет“ до крајот на 2026 година, со цел да ја прошири географската покриеност на мрежата и постепено да се приближи кон целосен систем за сателитски комуникации во ниската орбита, се наведува во писменото соопштение на ГУР.

Капацитетот на руската мрежа е само мал дел во споредба со повеќе од 10.000 сателити во мрежата „Старлинк“, со која управува компанијата „СпејсИкс“ на американскиот милијардер Илон Маск.

Воената верзија на овој американски систем, наречена „Старшилд“, функционира во Украина, но не и во Русија. Пристапот до системите на „СпејсИкс“, со кој Москва не располага, му овозможи значителна предност и помош на Киев во војната против руските окупаторски сили.

Back to top button
Close