Угостителите во Скопје ќе можат да го фрлаат сметот до 1 часот по полноќ


Рестораните, кафулињата и другите угостителски објекти во Скопје ќе имаат посебен временски термин за одлагање на отпадот, кој ќе биде дозволено да се фрла до 1 часот по полноќ.

Измената е усвоена на последната седница на Советот на Град Скопје, по иницијатива на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, како дел од измените на Одлуката за комунален ред.

Од Градот објаснуваат дека посебниот термин е утврден поради работното време на угостителските објекти, како и видот и количината на отпад што го создаваат. Целта е да се намали оптоварувањето на контејнерите наменети за домаќинствата, кои често се преполнуваат со отпад од рестораните и кафулињата.

ЈП „Комунална хигиена“ веќе работи на склучување договори со угостителите, кои ќе добиваат сопствени контејнери. За собирањето и подигнувањето на отпадот ќе плаќаат според ценовникот на претпријатието.

Подобрувањето на системот за управување со отпадот е поврзано и со набавката на 3.300 нови контејнери, со кои се заменуваат оштетените и дотраените садови и се зголемува бројот на места за правилно одлагање на сметот. Во комбинација со специјализираните комунални возила, тие треба да придонесат за поефикасно собирање на отпадот и подобра јавна хигиена.

Претходно, на 1 април беше донесена одлука со која угостителските објекти, канцелариите, пазарите и трговските субјекти се задолжени да склучат договор со ЈП „Комунална хигиена“ за собирање и транспорт на отпадот. Предвидена е и обврска за селектирање на отпадот на местото каде што се создава, во посебни садови што не се наменети за домаќинствата.

За станбените објекти, од ноември минатата година важи правилото сметот да се одлага од 6 до 22 часот. За непочитување на оваа одредба е предвидена казна од 50 евра, додека со најновите измени се утврдува посебен термин за угостителските објекти.

Back to top button
Close