КАДЕ ВИ СЕ ОЧИТЕ
Нема лабаво со Трајко. Мора да има ред. За скопјани пред автобуски станици, за битолчани пред банкомати.
Синким Трајко Славески нешто одлучува. И за купувањето на автобусите со кои ВМРО-ДПМНЕ ѝ тераше инает на нивната кандидатка Данела Арсовска што си ја избраа за градоначалничка на главниот град. И за одобрувањето на „Алта банка“ од Србија да ја купи „Стопанска банка Битола“ која била основана уште 1948 година како „Комунална банка“ за финансирање на локалното население и стопанството.
Добро, ама барем Славески си е конзистентен со одлуките. Кога не даваше да се купат автобуси за јавен превоз, ги стави во ред скопјани што со часови чекаа автобус. Сега ги стави во ред битолчани, што паѓаат во несвест пред банкоматите и шалтерите на „Алта банка“. Нема лабаво со Трајко. Мора да има ред.
Вели и дека е виновна опозицијата затоа што шири паника.
Виновни ли се и медиумите што уште прашуваат: Кај ви беа очите, кај ви беа ушите?
А не е виновен тој што дозволил банка стара 78 години да биде купена од човек кој пред шест години од сопственик на менувачница пораснал во 100-процентен сопственик на банка. Каде беше финансиското разузнавање, каде беше Агенцијата за национална безбедност? И министерката за финансии ништо не знаела за молскавичниот успех на банката за чии врски со Александар Вучиќ и неговата партија со години се пишуваше во Србија, а и Европската централна банка во 2024 имаше отворено истрага за перење пари.
Кој требаше да знае? Битолските пензионери, пелагонските земјоделци и нивните деца што им праќаат пари од Австралија за да уживаат во најдобрата економија во Европа?
2Сè почна кога претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во мај 2025 го предложи професорот Трајко Славески за гувернер на Народната банка. Славески беше член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Советот на Град Скопје, како советник од листата на ВМРО-ДПМНЕ. Беше министер за финансии во Владата на Никола Груевски од 2006 до 2009. А во Владата на Љубчо Георгиевски од 1999 до 2000 година беше министер за развој. Ќе беше фино тогаш претседателката да имаше доблест барем за гувернерот на централната банка да обезбеди консензус. Кога веќе во пристапниот говор пред Собранието вети дека „ќе биде претседателка и на левата и на десната страна“.
Не за џабе потсетувам на функциите што претходно ги извршуваше сегашниот гувернер на централната банка. Славески си даде оставка од партиските органи. Законот за Народна банка ја гарантира нејзината независност. Ама Народната банка се вика „народна“ баш затоа што треба да го штити јавниот интерес, а не интересот на партијата која ти овозможила едно чудо политички функции.
Така што, ништо не се случува преку ноќ, па и кризата со ова нашава, македонска „Алта банка“. Кога ќе ја партизираш Народната банка, тогаш за очекување е одлуките во банкарскиот сектор да ги носиш по партиски диктат.
Ако гувернерот се однесува како партиски послушник, тогаш кој го контролира банкарскиот систем? Партискиот штаб?
Целата колумна на Горан Михајловски на сдк.мк






