Протести против скапотијата и тешката положба на младите во Франција

Најмалку 146.000 луѓе денеска протестираа низ Франција поради зголемените трошоци за живот и сè потешката положба на младите, но бројот на учесници беше значително помал отколку на претходните големи демонстрации.
Според податоците на француското министерство за внатрешни работи, на улиците низ земјата се собрале вкупно 146.000 луѓе, од кои 46.000 во Париз. Истовремено, организаторите од меѓусиндикалната коалиција на младите изнесоа значително повисоки процени, според кои во протестите учествувале 250.000 луѓе низ Франција, меѓу кои 75.000 во главниот град.
Демонстрациите беа организирани под слоганот „За младите и против високите трошоци за живот“, а главните причини за незадоволството се растот на цените, падот на куповната моќ и сè потешката економска положба на младите. Проблемите со вработувањето, домувањето и обезбедувањето на основните животни потреби сè повеќе го оптоваруваат француското општество.
Сепак, послабиот одѕив овојпат укажува на намалување на протестната мобилизација. Само во четвртокот, кога беше одржан национален ден на акција за повисоки плати и зачувување на куповната моќ, на улиците излегоа 575.000 луѓе, според податоците на властите, додека синдикатите тврдеа дека имало дури 1,6 милиони демонстранти. И претходните три саботи беа одбележани со помасовни собири, па денешните протести претставуваат забележителен пад на бројот на учесници, забележуваат локалните медиуми.






